Евро 2022 во кошарка ќе биде 41. издание на континенталниот шампионат. Прв по враќање на одлуката да се игра на 4 години со што Европското има поголема драж отколку кога се играше на секои 2 години.
Ова ЕП2022 ќе биде прво после 5 години поради паузата која се направи поради глобалната пандемија.
Ќе се одржува од 1 до 18 септември и тоа во четири земји: Чешка, Грузија, Италија и Германија.
24 селекции ќе земат учество во 5 града домаќини, а нокаут фазата ќе се игра во Берлин. Натпреварите ќе се одржат во следните арени: Мерцедес Бенц Арена во Берлин (капацитет 14.500), Ланксес Арена во Келн (19.500), Медиоланум Форум во Милано (12.700), 02 Арена во Прага (16.805), Тбилиси Арена во Тбилиси (10.000).
Група А:
Шпанија
Турција
Црна Гора
Грузија
Бугарија
Белгија
На прв поглед во оваа група, секој би помислил дека Шпанија предводена од селекторот Серџо Скариоло е апсолутен фаворит. И така е, но треба да се има предвид дека Шпанците имаат целосна смена на генерации, доаѓаат со повеќе кошаркари од домашното првенство кои се уште не се прославени на најголема сцена.
Шпанија ќе игра без повредените Серхио Љуљ и Рики Рубио како и без најголемиот талент на новата генерација Хуан Нуњез. Од староседелците тука се само ветеранот Руди Фернандез кој е и капитен, браќата Ернангомез и Усман Гаруба од НБА.
Најголемо засилување ќе им биде натурализираниот Американец Лоренцо Браун кој ќе игра на плејмејкерската позиција.
Домаќинот Грузија жали што нивниот најдобар играч во историјата, Токо Шенгелија, лидер на репрезентацијата, ќе пропушти животна шанса да ја предводи селекцијата на едно домашно Европско првенство поради повреда.
Турците важат за една од селекциите кои треба да стигнат подалеку. Предводена од искусниот стар лисец Ергин Атаман кој освои 2 шампионски титули по ред во Евролига со Ефес Пилсен, Турција на Европско оди со тројца кошаркари од НБА: лидерот Џеди Осман, Алперен Шенгун и Фуркан Коркмаз.
Не треба да се заборави дека за Турција игра и натурализираниот Американец Шејн Ларкин кој веќе неколку години игра во Ефес Пилсен. Турците отвораат на 1 септември со Црна Гора и од тој меч би можел многу да зависи нивниот статус во групата на крајот од првата фаза.
Црногорците, пак, доаѓаат без нивниот најдобар кошаркар Никола Вучевиќ од НБА. Црна Гора неочекувано доби повик на Европско првенство по суспензијата на Русија. Главни носители на играта на селекцијата предводена од Бошко Радовиќ се Бојан Дубљевиќ и Американецот Кендри Пери, а голем придонес очекуваат и од Петар Поповиќ и Марко Симоновиќ.
Бугарија е нагазна мина за фаворитите во оваа група од неколку причини. Прво што ја елиминираа силната Летонија на патот до Евро2022 и затоа што во тимот има пар интересни имиња како Саша Везенков од Олимпијакос и натурализираниот Американец Ди Бост. Селектор им е Росен Барчовски. Ова ќе биде прво учество на Бугарија на ЕП после 11 години.
Во оваа група е и Белгија која од скоро почна да се појавува на кошаркарската мапа на Европа а и таа е една од селекциите кои профитираа од катастрофалниот календар на ФИБА поради кои многу репрезентации останаа без своите најдобри играчи од Евролига и НБА, па на тој начин се на добар пат и за пласман на Светско првенство догодина.
Група Б
Франција
Литванија
Словенија
Германија
Унгарија
Босна и Херцеговина
Во оваа група ќе има најтешки ривали затоа што тука се Франција, Литванија и Словенија плус Германија, Унгарија и БиХ.
Французите од клупата уште ги води искусниот Венсан Коле кој ќе има одличен состав на располагање: тука се НБА ѕвездата Руди Гобер, Томас Ертел, Тимоти Луваву, Гершон Јабуселе, Еван Фурние, Венсан Поирие.
Триколорите се фаворити не само за прво место во групата туку и за златен медал. Во послендиот период играа добро но мал знак на сомнеж им направи сензационалниот пораз од БиХ во Сараево пред неколку дена во рамки од квалификациите за Светско 2023.
Актуелниот европски шампион Словенија (прваци во 2017) доаѓаат со врвниот тандем Лука Дончиќ - Горан Драгиќ и веќе се вброени меѓу кандидати за самиот врв.
Само лаик би можел да ја изостави Литванија од списокот кандидати за медал. Селекторот на репрезентацијата од земјата каде кошарка е национален спорт број 1, Казис Максвитис ќе ги има на располагање НБА ѕвездите Јонас Валанчиунас и Домантас Сабонис.
Литванците претендираат на самата завршница а за такво нешто прво ќе треба да поминат тешки борби со Словенија, Франција, Германија...
Селекторот на земјата каде кошарка е национален спорт број 1, Казис Максвитис ќе ги има на располагање НБА ѕвездите Јонас Валанчиунас и Домантас Сабонис, а останатиот дел од составот го сочинуваат кошаркари со солидно евролигашко искуство, така што „зелените“ се во сериозна игра за напад на завршница.
Група Ц
Грција
Хрватска
Италија
Велика Британија
Украина
Естонија
Оваа група е втора најсилна на Европското и има три репрезентации кои многу лесно може да се најдат во борба за самиот врв.
Грција, предводена од еден од најдобрите кошаркари на светот на денешницата Јанис Адетокумбо спаѓа во најтесен круг кандидати за злато, а тука се уште и Италија и Хрватска.
Грција на клупа го има сјајниот Димитрис Итудис, а на терен браќата Адетокумбо кои со страшна физичка доминација ги рушат ривалите. Неверојатниот потенцијал на Јанис и Костас, потмопогнати уште од Тајлер Дорси, Костас Слукас и Ник Калатес е причина зошто Грците се гледаат во завршница.
Хрватска е голема енигма на ова ЕВРО2022. И тие имаат натурализиран Американец во Џејлин Смит (од Алба Берлин), но главни карики во тимот се Бојан Богдановиќ, Дарио Шариќ и Ивица Зубац од НБА, како и центарот Круно Симон, Марио Хезоња од Реал Мадрид и Роко Пркачин.
На хартија топ екипа но кошаркарска Хрватска на секое големо натпреварување доаѓа со јак тим и не ги исполнува очекувањата на своите навивачи.
Италија со својот run and gun начин на игра може да ги урне и најсилните селекции на светот. Аѕурите во отсуство на нивниот најдобар кошаркр Данило Галинари ќе се обидат да стигнат во следна фаза и да пробаат да изненадат некој од големите фаворити.
Мотор на екипата на селекторот Џанмарко Поцеко е сјајниот плеј Нико Манион од Виртус Болоња а тука се уште и Симоне Фонтеки новиот играч на Јута Џез, искусниот ветеран Луиџи Датоме, Николо Мели, Акиле Полонара, Пол Билига и Амадео Тезитори.
Италијанците без прав снажен центар својата шанса ја бараат од надворешната линија од каде ако им тргне, секому може да биде многу непријатно.
Што се однесува до аутсајдерите од оваа група, Украинците можеби имаат најголеми шанси за четврто место во групата. Главен играч им е Михаљук, кошаркарот на Торонто Репторс а тука е и Алекс Лен, 29-годишниот центар на Сакраменто Кингс.
Украина игра физички мошне активна кошарка со динамично трчање и се потпираат на шут за три поени. Ништо чудно ако земат скалп на некој од фаворитите како Хрватска или Италија. Во тимот им се уште и Санон, Бобров, Херун, Пустовиј. Екипа спремна да води битка за пласман во следна фаза.
Естонија е права непознаница иако во квалификациите за Светско првенство 2023 одигра неколку добри натпревари и покажа дека не е баук. Естонците долго време се заедно во ист состав и тоа им е најголема предност.
Велика Британија важи за тотален аутсајдер иако мора да се обрне внимание на Габи Оласени од Дарушафака. Целиот состав им е претежно од кошаркари од домашното првенство.
Група Д
Србија
Чешка Република
Полска
Израел
Финска
Холандија
Во Д групата која ќе игра во Прага, Србија е најсериозен фаворит за првото место. Србите од клупата ги води човекот кој во 2001 им донесе светско злато во САД а во 2002 европско злато во Турција.
На паркет го имаат двократниот МВП во НБА Никола Јокиќ кој летово во квалификациите за Светско првенство против Грција и Турција и на пријателските со Италија и Словенија покажа зошто е светска класа.
Покрај Јокиќ околу кој ќе се врти се во репрезентацијата на Србија, Пешиќ може да смета и на 2-кратниот МВП на Евролига Василије Мициќ, на Марко Гудуриќ кој беше најзаслужен за шампионскиот подвиг на Фенербахче во финалето на турската лига против Ефес Пилсен, на Владимир Лучиќ од Баерн Минхен, Никола Калиниќ од Барселона, Никола Милутинов од ЦСКА Москва и други одлични кошаркари на кои целта им е самиот врв летово.
Втората најсилна селекција во групата, Чешка најверојатно ќе мора да се снаоѓа без својот најдобар играч Томаш Саторански кој е ровит и на кого уште се чека.
Израел може сериозно да се вмеша во борба за првите 3 места зошто има млад талентиран состав на селекторот Гај Годес чиј лидер е асот на Вашингтон Визардс Дени Авдија.
Со НБА квалитет може да се пофали и Финска која во Лаури Марканен има играч спремен да го изнесе најголемиот товар и да ја однесе својата селекција во следна рунда и многу лесно може да ѕвезда на првенството во првата фаза.
Полска со смена на генерации и анонимната холандска репрезентација се аутсајдери во оваа група.
НАЈГОЛЕМИ ЅВЕЗДИ КОИ ЌЕ ОТСУСТВУВААТ:
Данило Галинари (Италија), Богдан Богдановиќ, Милош Теодосиќ (Србија), Токо Шенгелија (Грузија), Серхио Љуљ, Рики Рубио (Шпанија), Никола Вукчевиќ (Црна Гора), Паоло Банкеро (прв пик на НБА драфт, Италија), Мо Вагнер (Германија) и Виктор Вембањама (Франција).
Ова се Топ10 кошаркари кои од разни причини, најчесто поради повреди, ќе го пропуштат Евробаскетот.