Како играч од НБА и најголема ѕвезда во таборот на селекцијата на БиХ, Јусуф Нуркиќ предизвика големо внимание кај француските новинари на кој им одговараше на прашања во пресрет на дуелот меѓу Франција и БиХ.
Центарот на Портланд беше директен, со критички осврт за животот во својата земја.
„Доста ми е од тие приказни. Смачено ми е од повторувања како нашиот народ има проблем со владата. Ние ја претставуваме нашата земја. Подготовките ни беа пекол. Замислете француската репрезентација да нема хотел или храна за играчите? Но тука сме. Кога сме на терен, не размислуваме за тоа“.
Можеби за повеќето играчи е нормално да се биде во таква нестабилна ситуација, но за мене, кој со години играм во НБА, не е. Тоа се обидувам да му го кажам на босанскиот народ: Ова не е нормално. Но, мораме да се грижиме само околу тоа дали одигравме добро. Се надевам дека остатокот ќе се смени еден ден“.
Нуркиќ посебно ги критикуваше политичарите за кои вели дека не би се промениле, па дури и ако се вратат дома како европски прваци.
„Играме за народот, а не за политичарите. Јас навистина не играм за нив. Видовте што значеше победата против Словенија за нашата земја. Кога ќе го видиме тоа, се обидуваме да ги оставиме настрана гордоста и егото и да бидеме најдобар можен тим.
Дали Евробаскетот би ги променил нашите политичари? Нив војната не ги промени, а ниту пандемијата. Мислам дека ништо не може да се направи, дури и злато ако освоиме. Тоа е реалноста веќе 30 години. Граѓаните на Босна и Херцеговина мора да излезат на претседателски избори, мора да разберат дека нешто мора да се промени, не можеме да продолжиме со овој режим. Луѓето мора да можат да живеат, децата постојано ни ја напуштаат земјата.
Не е толку лошо, но населението се иселува, најмладите продолжуваат со образованието таму каде што имаат повеќе можности. Луѓето повеќе не сакаат да слушаат за војна, а денес политичарите зборуваат дека е можна нова војна? Не сакаме да слушаме за тоа, ниту јас, ниту 99 отсто од луѓето“.
Без разлика на резултатите на ова првенство, Нуркиќ ги посоветувал соиграчите за тоа како е најважно да се претстават.
„Прославата по победата против Словенија е поголема од кошарката. Не дојдовме овде за да заработиме пари или да се збогатиме. Важно ни е да го претставуваме народот. Им кажав на момците дека ако загубиме, мора барем да изгледаме како тим. Не сакаме луѓето да кажат дека не сме се бореле и мислам дека никој не може да го каже тоа“, изјави Нуркиќ.
Босанците направија сензација во 3. коло против европскиот првак Словенија, откако претходно ја совладаа Унгарија, а загубија од Германија, а денеска се среќаваат со Франција.