Новицки го надмина Олајџувон по само една минута игра во последната четвртина синоќа против Кингс. Му требаа 17 поени за да го скокне Олајџувон на деветтото место од поентерската листа. Од активните кошаркари, единствено Коби Брајант се наоѓа на листата и тоа како четврт играч со најмногу поени во НБА. Во дресот на Лејкерс, Брајант постигна 31.887 коша.
Новицки сега ќе го брка рекордот на Елвин Хајс, којшто е 8-ми со 27.313 поени и кој има 360 повеќе од него. Рекордот сè уште го држи Карим Абдул-Џабар (роден Луис Алкиндор), кој е на врвот со 38.387 коша за 20 години професионална кариера во НБА.
На листата свое место има и „Поштарот“ Карл Мелоун, кој за Јута Џез и ЛА Лејкерс уфрли 36.928 поени. Мелоун во НБА играше цели 19 сезони, а врвот на кариерата го достигна во Јута, во тандем со Џон Стоктон. На подиумот за најдобри кошгетери е и „летечкиот“ Мајкл Џордан, кој во дресот на Чикаго Булс и Вашингтон Визардс постигна 32.292 коша. Следуваат Вилт Чембрлен со 31.419 и Шекил О'Нил со 28.596 коша.
Во исто време, Новицки стана и најефикасниот странец на сите времиња кој играл во НБА, а рекордот го постави во Американ Ејрлајнс центарот.
10 најефикасни странци во НБА лигата:
1. Дирк Новицки, Германија, 26.953 поени
2. Хаким Олајџувон Нигерија, 26.946
3. Детлеф Шремф, Германија, 15.761
4. Стив Неш, Канада, 13.438
5. Владе Дивац, Србија, 13.398
6. Рик Смитс, Холандија, 12.871
7. Предраг Пеџа Стојаковиќ, Србија, 12.583
8. Дикебме Мутомбо, Конго, 11.729
9. Пау Гасол, Шпанија, 11.002
10. Тони Паркер, Франција, 10.219
Новицки има 36 години и ја игра својата 17-та сезона во НБА лигата. Германецот беше избран на драфтот во 1999 година од страна на Милвоки, но веднаш беше проследен во Далас каде игра и денес.
Крилниот центар има 12 настапи на „Ол Стар“ натпреварот, во 2007 година беше прогласен за МВП во регуларниот дел од сезоната, а во 2011 година ја освои шампионската титула и беше прогласен за МВП на финалната серија. За неговата досегашна кариера, германска продукција сними документарен филм, а Новицки најави дека ќе се врати во германската репрезентација за ЕП 2016 во Франција.