Новата технологија која ќе го промени спортот

Наскоро ќе можеме да дознаеме дали Перо Антиќ повеќе трча во вторници или саботи, кој кошаркар на Мајами следен ќе шутира или како се движат додавањата помеѓу играчите. НБА лигата ќе воведе нов начин на собирање и анализа на податоците со што ќе ни се промени начинот на кој што гледаме спорт.

НБА лигата во новата сезона ќе воведе нови технологии со кои ќе добиеме податоци кои не сме ни знаеле дека можеме да ги знаеме.

Со почетокот на новата сезона на 29 октомври, секоја сала во која се играат натпревари од НБА ќе биде опремена со технологијата за регистрирање на движење која се вика SportVU.

Оваа технологија која е измислена од една израелска компанија веќе ја користат фудбалски, бејзбол и некои колеџ кошаркарски екипи, но НБА максимално ќе ги искористи нејзините можности.

Шест камери на секој натпревар ќе го снимаат движењето на сите кошаркари, а топката ќе се снима 25 пати во секунда. Тоа значи дека за 48 минути игра ќе соберат повеќе од четири милиони податоци.

Па така во новата сезона ќе го знаеме секое движење на Перо Антиќ, ќе знаеме колку се шансите да даде тројка откако од лево ќе му додаде Хорфорд или дали побрзо трча во вторник или петок. Тренерите ќе имаат увид во сите можни статистики за своите играчи, но и податоци за противникот, па ќе знаат како најчесто се движи топката на противникот и каде е „дупката" во нивната одбрана.

21 октомври 2013 - 12:08