Ванг Џиџи во 2001 стана првиот Кинез во НБА лигата, но револуцијата на кинеската кошарка и огромната популарност на овој спорт се благодарение на 229см високиот Јао Минг кој пред 11 години беше избран на НБА драфтот од Хјустон Рокетс.
Но тоа не само што придонесе Кинезите уште повеќе да ја популаризираат кошарката, туку и да му донесат ќар и на САД, затоа што Кина стана вториот најголем пазар за најпознатата и најсилната кошаркарска лига во светот, а тоа го докажуваат и бројките.
-300 милиони луѓе во Кина играат кошарка.
-НБА лигата стана најпопуларна во оваа земја и најзборувана на социјалните мрежи.
-Имаат два нови договори за следење на натпревари на мобилна платформа.
-Тројно е зголемена малопродажбата.
-Само во последната година пристапот до НБА натпреварите преку стримови на интернет е зголемен за 130%.
Комесарот на НБА Дејвид Штерн неодамна изјави дека пред една деценија никој не бил заинтересиран да игра во Кина, а сега тоа е една од омилените дестинации за тренерите и играчите кои заработуваат многу од оваа далечна авантура.
Со доаѓањето на Јао Минг во НБА, Кина доби голема спортска афирмација и стана привлечна за многу познати кошаркарски имиња. Поранешната ѕвезда на Њујорк Никс, Стефон Марбери потпиша за тимот на Пекинг Дакс во 2010 година, а пред само неколку дена го продолжи договорт до 2017 година.
Тој за брзо време стана миленик на кинеската публика, а минатата година успеа да стигне и до шампионската титула. Помеѓу вкупно 22-та играчи кои настапуваат или се уште се дел од кинеската кошаркарска лига ЦБА е и Трејси Мегреди кој играше за екипата на Киндао Даблстар една сезона.
НБА е вистински бренд во оваа азиска земја каде американските екипи често пати патуваат и на турнеи, но Кина не планира тука да застане затоа што во план е изградба на школа за таленти која ќе го добие името Јао Минг кој ќе треба да им покаже патот на младите кошаркари до светски успех.