Лоренцо Браун е последен во низата странски, претежно американски кошаркари кои добиваат пасош од некоја европска земја со цел да настапат за нивните репрезентации на големите натпреварувања.
Вкупно на Европското првенство кое од 1. септември до 18. септември ќе се игра во четири земји, дури 11 репрезентации ќе имаат по најмалку еден странец, натурализиран кошаркар.
Со дебито за соседна Бугарија, Американецот Ди Бост (роден во Конкорд, Северна Каролина) кој е играч на Галатасарај, стана уште еден натурализиран кошаркар во бугарската селекција.
Шпанискиот Серџо Скариоло се реши поради празнина на одредени позиции да го повика американскиот плејмејкер Лоренцо Браун и наиде на жестоки критики од многу страни а најмногу од капитенот Руди Фернандез.
Шпанија и досега имаше обичај да натурализира Американци да играат за репрезентација. Од првиот Американец Клифорд Лујк во 1966-та, преку Вејн Брабендер во 1968-ма, па сè до Мајк Смит, Чак Корнегај, Џони Роџерс, Србинот од Подгорица Никола Миротиќ, Серж Ибака од ДР Конго кој играше долго и во НБА, Чичо Сибилио, Хуан Доминго де ла Круз и Чечу Бирјуков.
„Среќен сум што сум овде и мило ми е што ми дозволија да играм за Шпанија. Чест ми е што ќе го носам овој дрес, никогаш не сум мислел дека ќе се случи ова. Ќе напредувам со овие момци зошто некои се членови на одлични тимови од Евролига и НБА. Не би сакал да се мешам во политика зошто тоа не е моја работа. Јас играм кошарка и не можев да пропуштам ваква шанса. Пораснав гледајќи го оној тим со Пау и Марк Гасол. Чест е да се биде овде“, вели Лоренцо Браун кој после Филаделфија, Минесота, Феникс Санс и Торонто преку Кина дојде во Европа и играше за Црвена звезда, Фенербахче и Уникс Казањ. Сега е во Макаби Тел Авив.
За Грузија, во групата во која се и Шпанија и Бугарија ќе игра Тад МекФаден, натурализиран Американец кој четири години играше во шпанската АЦБ лига. МекФадден беше клучен играч во сензационалниот триумф на Грузија токму над Шпанија во квалификациите за Светско првенство на 4. јули кога постигна 16 поени и 8 асистенции за 43 минути игра.
Во оваа група странци, натурализирани кошаркари има и Црна Гора во Кендрик Пери кој е роден на Флорида а игра за шпанска Уникаха.
На 7 септември Шпанците со Лоренцо Браун во тимот ќе играат против Турција на Европското која доаѓа со ѕвездата на Ефес Пилсен во составот Шејн Ларкин. Врвниот плејмејкер веќе неколку години царува во Евролига и на повик на неговиот тренер од Ефес и турски селектор, Ергин Атаман реши да прифати турски пасош и да настапува за Турција. За Турците на Европско ќе игра и Американецот Скоти Вилбекин кој настапува за Фенербахче а роден е на Флорида.
Прв натурализиран кошаркар кој заигра за Турција беше Боби Браун во 2015-та година, ако не го сметаме Ерсан Иљасова чии родители се од Узбекистан.
Листата натурализирани кошаркари на Европското првенство ја надополнуваат уште и: Мајк Тоби (Словенија), центар кој летово дојде од Валенсија во Барселона, Еј-Џеј Слотер (Полска), Џон Роберсон (Босна и Херцеговина), Тајлер Дорси (Грција), Џон Петручели (Италија).
Меѓу оваа група претежно американски кошаркари има и еден Мароканец, Мохамед Керази кој ќе го носи дресот на Холандија.
Од балканските земји, единствено Србија нема натурализиран кошаркар и ќе игра со свои домашни играчи.
Појавата на натурализирани играчи за едно Европско првенство за првпат се случи во Русија кога големата ѕвезда Џеј-Ар Холден во 2007-ма доби руско државјанство и пасош и со фантастични игри и донесе злато на Русија во големото финале против Шпанија.
„Веќе разговарав со претседателот на Сојузот Хорхе Гарбахоса во врска со ова прашања. Јас сум капитен и чувствував обврска да дадам свое мислење. Не ми делува исправно ова. Дознав на конференција за медиуми дека сме натурализирале играч кој нема никаква врска со Шпанија. Играв со Серж Ибака и Никола Миротиќ но тие беа во нашите академии уште како млади играчи“, изјавил Руди Фернандез кој подоцна веројатно на нечии инструкции, ја смени својата изјава и рече дека „Лоренцо Браун е правиот човек кој многу ќе им помогне“.