Актуелниот македонскиот шампион годината во АБА лигата оваа сезона ја завршува со скор од 5 победи и 10 порази и со тоа не успеа да фати приклучот покрај екипите од средината од табелата.
МЗТ Скопје тешко се носеше со хрватските кошаркари под кошевите, особено во првото полувреме. Домаќините во тој период остварија 21 скок и погодуваа од сите позиции.
По 7 минути игра Задар имаше убедливо водство од 20:8, но домаќините тука не застанаа и продолжија уште пожестоко за 15 поени предност во првиот период 27:12.
Иве Иванов беше клучниот кошаркар за рано остварената висока предност на Хрватите. Кога тој имаше постигнато 16 поени во првото полувреме, нашиот тим имаше бедна реализација од само 14 поени.
Задар го торпедираше кошот на аеродромци и во еден момент имаше максимални +23, но при крајот на првиот дел, Боби Митев конечно успеа да ги консолидира своите редови, а МЗТ за две и пол минути игра направи серија од 11:2, со што резултатот на полувреме изнесуваше 44:30.
Последните минути од првиот дел внесоа оптимизам кај аеродромци на стартот од второто полувреме. Домаќините имаа поентерска криза, а македонските кошаркари на чело со Лучиќ влегоа во страшен налет и за кусо време ја стопија негативата на само -4.
Ритамот на МЗТ Скопје не беше ист во текот на цел трет период. Задар повторно се избори за двоцифрена предност, а со звукот на сирената Кире Николовски погоди тројка за 59:51.
Самарџиски и Цветковиќ по две минути во последниот период намалија на -5, а неизвесноста почна на неполни 3 минути до крајот на средбата кога МЗТ за прв пат се избори за -3.
На 90 секунди до крајот Задар зголеми на 7 поени предност, но избраниците на Митев не се предаваа и преку Цветковиќ кој поентираше од поле во два напади по ред уште еднаш стигаа на -3.
Тоа беше максимумот на МЗТ Скопје кој немаше сили да стигне ниту еднаш до пресврт и го загуби мечот со 74:69.
Предраг Самарциски одигра уште еден одличен меч и беше најпрецизен кај својот тим со 20 поени.
На 4 јануари МЗТ Скопје на домашен терен го пречекува Будуќност.