Кога кошаркарската репрезентација на Македонија ги започна подготовките за Евробаскет, сите очи во малата европска земја беа насочени кон телевизорите, стаписани од натурализираниот херој, Лестер „Бо" Мекејлеб.
Додека џогира крај линијата, свесен за значењето на ова натпреварување за Македонците, Мекејлеб ја брише својата брада еднаш, два пати, а потоа и трет пат. Тоа негов тик кој е тешко приметлив, а можеби и тој самиот не е свесен дека го прави.
Но Македонците, чија гордост и идентитет се вткаени во секој негов шут и движење, приметуваат. Тие приметуваат се што тој прави.
Само пред три години, во 2010-та, 183 сантиметри високиот кошаркар роден во Њу Орлеанс пристигна во Скопје. Тој никогаш претходно не бил во Македонија. „Долетав и веќе следниот ден имав пасош", ми изјави. По 14 месеци, на 3 септември 2011-та, ден кој засекогаш ќе биде врежан во аналите на македонскиот спорт, Бо Мекејлеб стана полу бог.
Малата репрезентација на Македонија по трет пат учествуваше на Европско првенство во 2011-та година. Во групната фаза се соочија со континенталиот гигант и поранешен европски шампион, Грција, нивен јужен сосед. Македонија со два милиони жители беше непозната во кошаркарскиот свет, а не беше позната нуту во било кој друг спорт. Оваа земја има освоено само еден Олимписки медал во историјата.
Кога започна натпреварот, целата држава сопре. Продавниците беа затворени, банките не работеа, а улиците беа празни. Македонците се собираа пред телевизорите во домовите и во кафулињата и викаа по нивниот најдобар играч, „Ајде Бо! Ајде Бо!"
Бо Мекејлеб одигра како да е роден и израснат во Македонија, како навредите врз народот за кој што тој игра да се насочени кон него. Тој го растури грчкиот тим со 27 поени и ја предводеше Македонија до шокирачки висока победа од 72:58.
Само неколку минути по завршувањето на натпреварот, илјадници воодушевени Македонци трчаа ни улиците на Скопје. Гушкаа непознати, ги вееја знамињата и ги гледаа најинтересните моменти од натпреварот на 35-метарскиот екран над споменикот на Александар Македонски, а солзите се лееја низ нивните лица.
Мекејлеб не е историчар и не му беше даден граѓански тест, ниту пак беше приморан да ја рецитира националната химна кога Македонската Кошаркарска Федерација му се јави на неговиот агент во 2010-та година. Тој е само кошаркар и тоа добар, кој тукушто го имаше предводено Партизан до првиот пласман до фајнал-фор на Евролигата.
Тој се откажа од својот шест неделен летен одмор и ја прифати понудата да добие втор пасош. Повеќето европски лиги го лимитираат бројот на Американец, па со европски пасош тој не се брои надвор од квотата и неговата цена расте на пазарот.
Повеќето играчи гледаат на овие летни натпревари во далечни земји како славен тренинг камп за враќање во форма. Тие само си ги земаат пасошите со важност од десет години и продолжуваат натаму. Но Мекејлеб размислува поинаку. „Едвај го чекам првенството. Ќе можам да играм против најдобрите во Европа."
Во 2011-та тој беше водечки стрелец на Евробаскетот пред НБА ѕвездите Гасол и Паркер и стана можеби најдобриот бек на континентот. Само побарајте на ЈуТјуб некои од неговите потези како забивањето преку Ал Хорфорф на Олимпискиот квалификациски турнир, кршењето на зглобовите на Руди Фернандез, или потегот против Нов Зеланд.
Тој може навидум од мирна позиција целосно да забрза за пола чекор. Ако сака да оди на лево тој едноставно експлодира во место. Кога ќе дојде до обрачот тој може да виси и да паузира во воздух подолго од што човекот треба да може. Тој виси во воздух, чека противникот да прелета и потоа лесно ја исфрла топката кон кошот каде таа ја губи силата на забрзување и пропаѓа во мрежата.
Во првите две години за време на престојот во Партизан, тој беше критикуван за неговиот шут. Мекејлеб им одговори на критичарите со 53% од зад линијата за три поени на натпреварите од Евролигата додека играше за Сиена.
Најдобриот стрелец на сите времиња на Универзитетот во Њу Орлеанс, Бо Мекејлеб не беше драфтуван во 2008-та година, но од тогаш неколку НБА тимови пројавија интерес за него. Тој ја одби секоја понуда.
По победата над Грција, репрезентацијата на Македонија заврши на четвртата позиција на Европското првенство во 2011-та година што претставува неверојатен успех за оваа мала држава. Кога тимот се врати дома, 100.000 луѓе ги пречекаа на аеродромот и на плоштадот. Дури и етничките Албанци ги вееја македонските знамиња и го скандираа името на Бо.
„Беше како на филм. Никогаш претходно не сум видел такво нешто. Беше лудо. Кога одам наоколу, луѓето ми приоѓаат и ми велат дека се горди на мене. Се чуствувам како дома кога сум во Македонија", вели Бо.
Мекејлеб почна да ја сфаќа моќта која тој ја поседува. Пред да започне Европското првенство во Словенија тој изјави: „Тоа што го сторивме пред две години е многу важно за оваа земја и сега сме во иста позиција."
На 4 септември, еден час пред почетокот на натпреварот против Црна Гора во Јесенице, илјадници Македонци кои патуваа 1.000 километри, веќе почнаа со навивање. Тие скандираа „Ајде Бо! Ајде Бо!". Цела нација се надеваше дека тој може да и помогне на оваа млада држава да ги реши, или заборави, или едноставно да ги заобиколи проблемите - барем за неколку недели.
Македонија го загуби првиот натпревар против Црна Гора, потоа ја изненади Србија, но по поразот од Босна на Македонците им беше потребна победа над Летонија за пласман во следната рунда. Целата земја повторно го сопре здивот. Ајде Бо!
Рамењата на бекот кој ја држеше целата нација, почнаа да паѓаат. Носењето на товарот на два милиони луѓе може да биде заморно. Мекејлеб се мачеше да најде простор, ја губеше топката и промашуваше од позиции каде вообичаено погодува. Последната четвртина ја преседе на клупа и навиваше за соиграчите, но знаеше каков ќе биде крајот.
Македонија загуби со 10 разлика и испадна од првенството, многу порано од очекувањата. Играчите се собраа на средината од теренот и се соочија со навивачите. Тие им аплаудираа со високо кренати раце во знак на благодарност и почит.
Бо, со симната глава се одалечи од соиграчите и застана накратко пред трибината со македонските навивачи - неговите луѓе. Тој понизно погледна кон нив, знаејќи дека ги разочарал. Тие сите заедно ги раширија рацете кон него. Како да се имаа договорено од претходно, преку 1.000 возрасни мажи и жени посегнаа кон него да му заблагодарат за се што тој сторил за нив. Бо Мекејлеб. Македонскиот Бог.