Леброн се изјасни дали ќе игра во новата сезона

Откако не беше јасно дали ќе се повлече од активното играње, ветеранот Џејмс синоќа откако прими награда на церемонијата ЕСПИ-с, потврди дека сигурно продолжува.

Капитенот на ЛА Лејкерс и еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА, Леброн Џејмс ја потврди својата 21-ва сезона по ред во најдобрата лига на светот.

Неколку кратниот НБА шампион го доби признанието за тоа што постави нов рекорд и го надмина легендарниот Карим Абдул-Џабар по број на поени и е лидер на вечната листа најдобри поентери во НБА.

Во обраќање до присутните, од бината Леброн порача:

„Веќе не ми е гајле колку поени ќе постигнам и што можам, а што не можам на теренот. Право прашање за мене е дали можам да продолжам да играм без повреди. Дента кога нема да можам да дадам сè од себе на паркетот ќе биде крајот. Но тој ден уште не е дојден. Може да ме сакате и знам дека некои од вас ме мразат исто. Но една работа која што секогаш ве сложува е почитта за мене и тоа што го цените мојот пристап кон играта и што ѝ дадов на оваа игра.

Триесет и осум годишниот Џејмс во кариерата играше за Кливленд Кавалирс кој го одбра како прв пик на драфтот во летото 2003-та. Од тогаш па наваму во следните 20 години тој освои 4 шампионски титули во дресовите на Кливленд, Мајами Хит и ЛА Лејкерс. Четири пати беше прогласен за МВП на финалето и четири пати доби МВП награда за најдобар играч на регуларниот дел. Дури 19 пати беше дел од НБА Ол-Стар мечот.

Со репрезентацијата на САД освои две олимписки злата (2008 Пекинг, 2012 Лондон) и една бронза (2004 Атина), а освои и бронза на Светското 2006 во Јапонија.

13 јули 2023 - 13:13