Кендрик Нан е најдобар играч во Евролига, Панатинаикос го доби Ефес

Конечно започна и разигрувањето за титулата во Евролига. Синоќа прво Топ8 го отворија Фенербахче и Париз а турскиот состав славеше тесно 83:78 во мошне неизвесна завршница. Во Атина, претседателот на Евролига Дејан Бодирога пред мечот ПАО - Ефес, на Американецот Кендрик Нан му го додели вредното признание МВП за најдобар играч на основниот дел од сезоната.

Epa Images
Epa Images
Photo: Epa Images

Кендрик Нан последниве две сезони е најдобар кошаркар во Евролига, но синоќа иако ја доби МВП наградата, не ја оправда баш на теренот во првиот меч од серијата меѓу Панатинаикос и Анадолу Ефес.

Нан имаше очајни 4/15 погодени шута од игра па среќа неговата мизерна партија ја сокрија Хуанчо Ернангомез со партија на сезоната со 20 поени, 15 скока, 3 блокади и 2 украдени топки и Омер Јурцевен со 14 поени и 7 скока. Нан на крајот стигна до 14 поени, Слукас додаде 13 а Џеди Осман 11.

Кај Анадолу Ефес кој имаше во еден момент и предност од 12 поени разлика, Поирие уфрли 17 поени и забележа 8 скока, Шејн Ларкин додаде 17, Елајџа Брајант 14 а Дерик Вилис 11 поени. 

ФЕНЕРБАХЧЕ - ПАРИЗ

Во Истанбул исто се одигра неизвесен натпревар со кој стартуваше Топ8, осминафиналето на Евролига. Фенербахче го совлада најголемото изненандување на сезоната, дебитантот во Евролига, Париз.

Најефикасен кај Фенербахче кој од клупата го води легендарниот Шарунас Јасикевичиус, беше Вејд Болдвин со 15 поени, Најџел Хејс-Дејвис додаде 14 поени а Девон Хол 13. Кај Париз Надир Хифи даде 21 поен, Тајсон Ворд 19 а македонскиот репрезентативец Ти Џеј-Шортс имаше 17 поени со 7 асистенции.

Вечерва на програмата се дуелите: Монако - Барселона и Олимпијакос - Реал Мадрид, а утре вечер на програмата се вторите дуели од сериите меѓу Фенербахче и Париз и Панатинаикос и Анадолу Ефес.

23 април 2025 - 09:05