Калиниќ, Тевез, Рибери - до врвот на светот со сериозни деформитети

Приказните на српскиот кошаркар и аргентинскиот и француски фудбалер се многу инспиративни. За разлика од многу други, овие тројца никогаш не правеле трагедија од тоа што ги снашло во животот и ги оштетило за век векови. Напротив.

Најпознати лица со лузни во светот на спортот се Франк Рибери и Карлос Тевез. И двајцата признале дека без своите детски повреди никогаш не би стигнале до врвот.

Животот го „наградил“ Рибери со две огромни лузни на лицето кога имал само две години. Во 1985 година тој и неговото семејство преживеале тешка сообраќајна несреќа: нивната кола се судрила со камион и завршила под него, па како резултат на тоа Франк удрил со глава во еден од прозорите и се исекол.

„Во некоја смисла таа несреќа ми помогна. Кога бев мал, тоа ме мотивираше. Бог ми даде таква специфична црта. Тие лузни се дел од мене. Тие го одредија мојот карактер и ми дадоа сила. Кога си дете и имаш такви лузни тоа не е лесно. Луѓето ме гледаа и коментираа па моето семејство пропати многу. Викаа: „Колку е грдо!“ Каде и да одев сите гледаа во мене“, раскажал еднаш францускиот фудбалер.

“Брат по лузна“ на Рибери му е Карлос Тевез кој го оштетил лицето кога имал девет месеци. Аргентинецот бил во кујната и додека мајка му готвела нешто, тој врз себе истурил сад со врел чај. Епилогот: изгореници од трет степен и големи лузни. Огромни лузни по целото тело му останале на Аргентинецот цел живот.

„Никогаш не сум стоел пред огледало и да помислам: „каква ужасна лузна“. Си викав едноставно тоа сум јас. Тоа е мое тело, мое лице, кои за никакви пари на светот не би ги сменил. Немам намера да направам операција на лицето. Ако Бог решил дека треба да имам лузни - тоа значи дека треба да имам“, отворено коментирал еднаш фудбалерот на Бока. 

Историјата на овие две легенди на својот мал син Никола, му ја раскажал таткото Зоран Калиниќ. Семејството Калиниќ живеело во Суботица, на самата граница со Унгарија и во еден период преживеало сериозна тешкотија како оние на Рибери и Тевез.

Кога Никола имал 14 години, Франк и Карлос играа на Светското првенство 2006-та. Нивниот пример го инспирирал тогаш почетникот кошаркар Калиниќ.

„Гледаш, и светски познати спортисти имале маки како тебе, но тоа не им сметало да станат ѕвезди. Значи и ти можеш!“, го бодрел Зоран својот син.

****

Никола Калиниќ доживеал страшна повреда на лицето во раното детство во Суботица. Кога некој од комшиските деца со сета сила го нагазил по лицето. Родителите не приметиле што се случило, но кога слушнале страшен детски крик го виделе синот како лежи со искривена вилица.

Веднаш го однеле на максиофцијална хирургија каде екстремно итно го оперирале.

Хируршкиот зафат му помогнал на Никола да нема страшни болки, но не го решил проблемот во целост. Лекарите му рекле дека во неговиот случај медицината е немоќна. Затоа тој уште од детството бил принуден да се помири со болките во вилицата и со својот крив надворешен изглед.

Татко му извесно време не сакал да го пушта на каков било контактен спорт и го терал да се занимава со пинг-понг. Зоран Калиниќ бил еден од најпознатите пинг-понгари во 80-те и 90-те години. Во кариерата освоил 15 медали на Светски и Европски првенства.

И покрај наговорањата од татко му, Никола цело време одел на игралиште за кошарка.

Малиот долго време играл со својот постар брат Урош и неговите врсници кои биле пет години постари од Никола. Возрасните не го жалеле ниту штеделе малиот и играле грубо со него ама затоа што никој од нив и не знаел за неговата детска повреда на вилицата.

Никогаш не му попуштале. Тој бил најмал и не можел да се спротивстави на постарите. Тоа во голема мера го исчеличило и го направило посилен.

„Од игралиштето постојано имаше ука-бука, плачки, викање, дерење, пцовки и тепачки“, се сеќава таткото Зоран Калиниќ.

На кошарка го запишале малиот кога имал 7 години и кога го гледал Светското 1998 година. Многу сакал да ја гледа репрезентацијата на Југославија која стана Светски шампион. Идол му бил Дејан Бодирога, MVP на тој Мундијал.

Од тој момент Никола не се двоел од баскетот.

Кога во неговиот прв клуб, Спартак Суботица им давале дресови, Калиниќ ја обрал 10-та која најголем дел од кариерата ја носеа Бодирога, Сале Ѓорѓевиќ и Предраг Даниловиќ.

Тренерите уште од првиот ден приметиле дека Никола е бестрашен и упорно влегува во дуел со поголеми противници. Ужасната детска повреда и жестоките борби со постариот брат му го изостриле инстинктот за самоодржување, желбата да им помага на другите луѓе и да се занимава со мецидина.

„Уште од детството ме влечеше медицината. Сакав да ги решавам проблемите на другите, да дознавам што е ново за лекување на разни болести. Дури и кога како постар се повредував, станував целосен соработник на процесот на опоравок и постојано им поставував прашања на докторите“, се сеќав Никола Калиниќ кој важи за многу духовит човек.

****

И покрај успехот во школо и љубовта кон медицина, Никола избрал да тргне по друг пат. Спортската кариера му била приоритет. Дебитирал во сениорската кошарка многу рано кога на 17 години заиграл за родниот Спартак Суботица.

Првата сезона во клубот од втора лига ја завршиле со 13 победи и 13 порази а следната младите момци направиле сензација и не изгубиле ниеден меч: 26 победи 0 порази.

Калиниќ играл ниско крило и бил лидер на Спартак. За кратко време правел чуда по салите во Србија па привлекол внимание на гигантите од српската кошарка. На 19 години потпишал договор со Црвена Звезда и бил спремен за селидба во Белград но во последен момент неговиот матичен клуб го блокирал трансферот.

На Спартак не му се допаднало што Никола преговарал со други клубови без нивно знаење. Тогаш му се скршил сонот и сакал да ја заврши кариерата.

„Само што го направив првиот голем чекор, кога одма следуваше големо разочарување. Катастрофа. После тоа преминав во клубот Нови Сад и студирав факултет. Таа година беше најтешка во мојот живот. Многу пати се будев со прашање: „Сакам ли воопшто да играм баскет?“ На крај од краиштата му дадов последна шанса на баскетот. Ако не играв за Нови Сад и не добиев понуда од некој поголем клуб, ќе ја завршев кариерата и ќе се посветев на факултетот“, се сеќава српскиот кошаркар.

На Никола му требала само една сезона за да прејде во поголем клуб. Потпишал договор со Војводина на која и помогнал да стигне до полуфиналето од плејофот на Суперлигата. Таму изгубиле од Партизан.

Следната сезона Војводина завршила четврта на крајот но испаднала во првото коло од плејофот. На 22 години Никола сакал да се проба во Јадранската лига, но неговиот клуб немал доволно средства да ги издржи напорите на овој турнир и да ги исполни амбициите на Калиниќ.

„Не можевме да играме Јадранска лига поради малиот буџет. Затоа и ме пуштија да одам. Сезоната партиципацијата за учество беше 150.000 евра, но Војводина немаше толку пари. Не сакам никого да обвинувам но факт е дека не можевме да играме во турнир во кој се пласиравме по регуларен спортски пат“, се сеќава Калиниќ на периодот во Воша.

Најголемиот конкурент на Војводина во тоа време беше Раднички Крагуевац кој неколку сезони имаше сериозни проекти во Јадранска лига и Еврокуповите. Имале големи амбиции па решиле да го доведат големиот талент Никола Калиниќ кој со задоволство отишол во Крагуевац.

Во дебитатнската сезона на европска сцена, 22-годишното крило имал одлични бројки - 10,2 поени и 3,5 скока по натпревар. Никола бил најдобар одбранбен играч во екипата. Со овие квалитет брзо го привлекол вниманието и на селекторот на репрезентацијата на Србија.

Селекторот на Србија, Александар Ѓорѓевиќ го викнал Калиниќ за Светското 2014 година и му даде шанса на Никола во стартната петорка.

Во мечот од 1/8 финалето против Грција (90:72), Никола (2,03 сантиметри) го изведе најдобриот потег на целиот Мундијал - заби грубијански преку гигантот Јанис Бурусис (2,15 см). Во тој момент ги демантираше сите скептици за неговото место во репрезентацијата.

Колку лудо храбар треба да биде човек кој цел живот има болки во вилицата, за да направи вакво нешто?

„Никола сака да прави такви работи на паркетот. Сака да му демонстрира на противникот дека не му се плаши и дека е самоуверен. Мислам дека затоа така безумно заби преку Бурусис. Такви моменти значат многу за екипата и имаат големо влијание врз соиграчите. Тоа е поттик за смелост. Никола е одраз на борбен дух во српската селекција. Од ништо не се плаши зошто секој ден во лицето го гледал својот најголем страв“, вели татко му Зоран Калиниќ.

Во финалето против Америка (92:129 за Дрим-тимот), Калиниќ не се плашел ниту кога пред него застанал Џејмс Харден, можеби најдобриот кошаркар на светот денес. Селекторот Ѓорѓевиќ му дал тешка задача на Калиниќ да го чува Харден кој беше најдобар стрелец на Американците на тоа Светско. Успеа ли Никола да го сопре MVP-то во НБА?

„Брадата“ Харден за 22 минути имаше 23 поени, 3 скока, 2 асистенции и 2 изгубени топки. Калиниќ за 25 минути имаше: 18 поени, 3 скока и 1 асистенција.

Управата на Црвена Звезда не чекала многу и веднаш после мечот со САД му понудиле на менаџерот на Калиниќ 3-годишен договор за Никола.

„Калина“, како што го викаат соиграчите и новинарите уште од детство имал постери од Црвена звезда во својата соба и конечно го исполнил сонот да заигра за белградскиот клуб.

Во Црвена Звезда ја играше најдобрата кошарка во кариерата: освои Суперлига, Јадранска Лига и Куп на Србија. Наскоро дебитираше и во Евролига каде во просек имаше по 9,2 поени, 4 скока, 2 асистенции и 1 украдена топка по натпревар. Стана миленик на Делиите затоа што играше фанатично лудо и борбено. Скокаше пожртвувано за секоја топка и забиваше како да е последен меч.

Со бесните игри во црвено-белиот дрес, детето од Суботица ги воодушеви најголемите европски клубови па Фенербахче не чекаше многу и го откупи неговиот договор за 1 милион евра.

23-годишниот Никола се пресели во Истанбул и уште во првата сезона стигна до финалето на Европлига каде тимот на Жељко Обрадовиќ изгуби од ЦСКА. Но следната сезона беше нивна и Калиниќ му помогна на Фенер да ја освои толку долго чеканата титула.

Успехот на Фенербахче е поврзан и со еволуцијата во играта на Калина под палка на Жељко Обрадовиќ. Во Турција Никола стана елитен одбранбен играч. Имаше подобар учинок дури и од еден од најдобрите дефанзивци не само во Европа, туку и во НБА - Екпе Удо.

На победничкиот Фајнл Фор, Србинот стана фактор-х. Во финалето против Олимпијакос Калиниќ постигна 17 поени во победата на Фенер од 80:64.

За тоа колку е издржлив и храбар покажа и на еден од последните натпревари во регуларниот дел од сезоната 2016/2017 во Евролигата.

Перо Антиќ, кој е многу близок другар со Никола Калиниќ и двајцата ги врзува голема љубов кон Црвена звезда, незадоволен од една судиска одлука снажно одмавна со раката и случајно со сета сила го закачи Калиниќ по неговата и онака искривена вилица.

Реакцијата на Никола беше: насмевка како ништо да не се случило. Коментарите на YouTube беа дека со таков удар Перо би можел да му ја исправи вилицата.

****

По примерот на јунаците од почетокот на оваа приказна Тевез и Франк Рибери, така и Калиниќ се помирил со својот надворешен изглед и не правел трагедија од тоа. Тој заработува огромни пари, освојува трофеи и никогаш немал потреба од пластична операција за да се избави од асиметричното лице.

Еднаш на Твитер направи и шега на своја сметка:

Сезонава 27-годишниот Калиниќ ги одигра сите натпревари иако најчесто влегува од клупата за резерви. Во новиот поход на Турците, Калина во просек има по 9 поени, 3 скока и 1,6 асистенции. Во меѓувреме се подготвува и за Светското првенство кое следната година се одржува во Кина.