Какво беше најголемото ривалство во европската кошарка: Сабонис VS Дражен

Дражен Петровиќ и Арвидас Сабонис играа на различни позиции. Првиот беше плеј, а вториот центар. Но тоа не го менува фактот дека двете легенди имаа многу заеднички нешта.

Двајцата родени во 1964-та година, двајцата се стекнаа со ѕвезден статус во татковината (Петровиќ во Цибона, Сабонис во Жалгирис), двајцата играа во Реал, а во НБА за Портланд.

Арвидас и Дражен се сметаат за најголеми кошаркарски ѕвезди на Европа во првата половина од '80-те години.

Големото ривалство меѓу нив букна во 1986-та година кога и двајцата имаа по 21 година. Тогаш Цибона на Дражен го совлада Жалгирис на Сабонис 94:82 во финалето на Евролигата. Набрзо потоа снажниот Литванец му се реваншираше на Дражен на Светското првенство 1986 кога и помогна на СССР да ја совлада Југославија 91:90 после продолженија во полуфиналето.

Во сезоната 1984/1985 Петров на супериорен начин ја направи Цибона европски шампион (тогаш турнирот се викаше Куп на шампионите ФИБА). Во финалето Дражен со 36 поени сам го „тепаше“ Реал Мадрид 87:78. Овој триумф колку ќе го воздигне Дражен, толку подоцна емотивно ќе го погоди.

БИТКИ ШИРУМ ЕВРОПА, „БИЕЛ САБОНИС, АМА БИЕЛ И ДРАЖЕН“

Една година по големото финале против Реал Мадрид во 1985-та, се појави нов голем ривал на Дражен - Арвидас Сабонис којшто стана најдоминантен центар во Европа и којшто го туркаше Жалгирис до врвот.

Во 1985-та година Арвидас веќе урна еден голем гигант, московска ЦСКА која што владееше како хегемон со 15 титули по ред од 1969-та до 1984-та во првенството на СССР.

Откако ја урнал ЦСКА, следен предизвик на Арвидас му беше да ја покори Европа, да освои титула во Евролига.

Првата директна средба меѓу Петровиќ и Сабонис се случи во групната фаза од Евролига, на 9 јануари 1986-та година во Каунас (добро познат на македонската кошаркарска јавност).

Жалгирис со голема мака ја совлада Цибона 94:91 на домашен терен. Дражен го претрка Арвидас во поентерски учинок (36 поени наспроти 20 на Литванецот), но ни тоа не помогна.

„За време на тој меч со Жалгирис, Дражен имаше две цели. Првата да победи, а втора да покаже дека он, а не Сабонис е најдобар европски кошаркар“, вели за ESPN, тогашниот тренер на Цибона Жељко Павличевиќ.

Реваншот од групната фаза се играше на 27 февруари 1986-та во Загреб каде Дражен одигра ненормален меч со 40 поени пред своите навивачи. Сабонис уфрли 27, а Цибона победи 99:90.

Токму оваа убедлива победа ги решила клучните распределби во групата. Цибона и Жалгирис имале еднаков учинок 7-3, но тимот од Загреб имал подобра кош-разлика (+44 наспроти +16). Во тогашниот формат на Евролига, во следна фаза одеа само првите две екипи од групата. Испаднале финалистот од претходната година Милано (6-4), Реал Мадрид (5-5), Макаби (4-6) и француски Лимож (1-9).

После тој дуел во Загреб се разжестил односот, а играчите од двата табори давале провокаторски изјави. Меѓу нив најостри биле токму Сабонис и Дражен Петровиќ. Арвидас еднаш рекол дека Петровиќ е кловн и егоист а себе се прогласил за најдобра „петка“ на континентот.

„Во Европа нема подобар центар од мене. Кога бевме на турнеја по САД, имаше еден или двајца играчи кои можеа да ми пријдат на теренот“, рекол Сабонис а го цитирал Origo.

А Дражен одговорил:

„Секако дека освојуваме Евролига. Планирам да играм во Европа уште две години, а после сакам да одам во НБА“.

НОВ ДИРЕКТЕН ДУЕЛ, ОВОЈПАТ СО НАЈГОЛЕМА ВРЕДНОСТ ОД СИТЕ

На 3 април 1986-та година Цибона и Жалгирис се судрија во големото финале на Евролига, во Будимпешта пред 12.500 гледачи (околу 8.000 навивачи на Цибона од Загреб).

Овој дуел не ги исполни очекувањата зошто Цибона го здроби Жалгирис со 94:82, а резултатот остана во сенка на епизодата кога Сабонис беше исклучен зошто му удри бокс на противнички играч.

Цибосите уште од старт наметнаа иницијатива и првиот дел го добија 47:39. Дражен постигна 15 поени, а Сабонис доминираше со 17 поени и 8 скока но сам не можеше ништо.

Во 26 минута од мечот Жалгирис ја намали негативата на -6 (52:58) но прашањето на победникот беше решено во 31 минута кога Сабонис го исклучија зошто го удри Миховил Накиќ кој претходно го удри Гинтарас Крапикас. На крај Сабонис заслужено беше исклучен а Накиќ куртули.

Дуелот Сабонис - Дражен во финалето:

Целото финале:

Откако Сабонис беше исклучен, Дражен и соиграчите лесно стигнаа до победата. Петровиќ до крајот запиша вкупно 22 поени (6/18 од игра) и заврши како трет стрелец во својот тим, Данко Цветичанин уфрли 24 поени а Свен Ушиќ 23.

Сабонис до исклучувањето запиша вкупно 27 поени и само поради краткиот фитил не успеа да го држи Жалгирис до крај во игра за титулата.

„Мислам дека бевме подобри и да не беше чудната одлука на судиите, сигурно ќе славевме победа. Во бес го нападнав противникот за да се изборам за правда. На крај од краиштата и слеп може да види дека кошаркарот на Цибона почна тепачка прв. Знам дека ништо не вредат вие зборови но кажувам пред цел свет: веќе никогаш нема да направам слично нешто“, се извинил Сабонис.

 

Клупската сезона 1985/1986 Сабонис и Дражен ја завршија со титули во СССР и Литванија, па ги чекаше Светско првенство во Шпанија. А таму Арвидас му се реваншираше на Дражен и тоа во полуфиналето против Југославија (91:90 после продолженија) по неверојатен пресврт, еден од најголемите кам-бекови во историјата на Светските првенствао.

Југославија имала огромна предност од 9+ поени (85:76) на само 51 секунда до крајот. Навивачите полека ги напуштале своите места во „Паласио Депортес де ла Комунидад“ во Мадрид, никој не претпоставувал дека ќе се случи чудо.

Сабонис дава тројка за 85:79, после тоа Валдемарас Хомичос врши пресинг врз Зоран Радовиќ кој ја губи топката. Посед презема Валериј Тихоненко кој дава тројка за само -3 85:82.

До крај имало само 18 секунди. Кошаркарите на Југославија почнале да прават глупости а топката му ја оставиле на тогаш незрелиот 18-годишен Владе Дивац на 10 секунди до крај прави грешка со двојно водење (којзнае колку важни натпревари упропасти на буквално ист глупав начин низ годините).

Литванците го користат тоа и израмнуваат на 85:85, а после за 5 минути двата тима даваат по 11 поени и патникот во финале се решава во второ продолжение. Таму Дражен промашува клучни слободни, Сабонис дава две слободни за триумф 91:90.

После мечот новинарите ги нападнале селекторот Крешимир Чосиќ и Владе Дивац. Овој пораз бил еден од најтешките во кариерата на Дражен кој постигнал 29 (наспроти 25 на Арвидас Сабонис).

„Таа ноќ Дражен беше под голем стрес. Плачеше, викаше дека ќе престане со кошарка, дека не е толку добар играч каков што го сметаат“, раскажал тогашниот доктор на репрезентацијата на Југославија Иван Фаторини за basketball.hr.

Дражен најмногу го болел односот на публиката во Мадрид. Цела сала навивала против нив. Не му било јасно зошто.

„Мислам дека ќе игравме подобро да игравме во Москва. Не ми е јасно со што заслуживме таков критички однос. Никого не провоциравме, не баравме помош од судиите. Мислам дека Шпанците чуствуваа дека сме појаки, многу појаки и дека може да се качиме на тронот иако ниеден кошаркарски експерт не ни даваше никакви шанси пред Светското. Но верувавме во нашиот талент во нашата сплотеност.

Сакам да додадам и дека нема никакви шанси да играм за Реал во текот на кариерата. Како да облечам дрес на клуб чии навивачи толку ме повредија емотивно, навивачи кои ме мразат 24 часа? Знам дека им е тешко да се помират со тоа што им нанесов толку болки во еврокуповите во последните две сезони со многу решавачки поени. Но не ми е јасно како може да ме мразат толку многу кога не сум им дал ниеден повод со гест или однесување“, рекол Дражен.

Петровиќ потпиша со Реал Мадрид пред почетокот на сезоната 1988/1989. 

А Сабонис? Литванецот го изгуби финалето на Светско против Америка 87:85 кога Американците доминираа со Дејвид Робинсон, иако СССР беше на прагот на нов голем кам-бек. Губеле 78:60 на 7 минути до крајот и имале шут за победа но Валтерс промашил.

Дражен после Реал Мадрид играше 4 години во НБА (од 1989-1993) за Портланд и Њу Џерси пред трагично да загине во сообраќајка.

Сабонис по истиот пат стигна до НБА, но подоцна, во 1995-та година. Играше за Реал Мадрид па за Потланд а во 2005-та година поради повредите кои го мачеа ја прекина кариерата.