Избраниците на селекторот Де Џорџи во финале ја победија Полска со 3-1 (22-25, 25-21, 25-18, 25-20) во полскиот град Катовице пред околу 12.000 полски навивачи во прекрасната „Сподек Арена“.
„Аѕурите“ на тој начин ја симнаа Полска од светскиот трон кој Полјаците го запоседнаа уште од 2014-та година. Италија може да се гордее што го обедини европското и светско злато во одбојка, што ретко на која селекција ѝ поаѓало од рака.
Четврта светска шампионска титула за одбојкарската репрезентација на Италија по чудесната историска серија од 1990-та до 1998-ма. Полјаците имаат три светски злата колку што има и Бразил. Убедливо прв и натаму е некогашниот СССР со дури 6 освоени златни одличја од Мундијалите.
Полска беше домаќин на Мундијалот 2022 откако истиот ѝ беше одземен на Русија и избраниците на Никола Грбиќ кој е селектор на Полјаците имаа одлична можност да врзат дури три светски титули по ред по триумфалните 2014 и 2018. И тоа сега пред своја бучна публика.
Интересно, после цели 24 години Бразил го немаше во големо финале на одбојкарско Светско првенство, а кариоките сега се задоволија со бронзен медал што е одличен успех во ситуација кога играа речиси со втор тим поради отсуство на главните носители на играта. Ова беше воедно и шести подиум за Бразилците на Светски првенства со 3 злата (2002, 2006 и 2010), две сребра (2014 и 2018) и бронза сега (2022).
Италија како актуелен европски првак беше меѓу фаворитите за самиот врв, но мечот со Полска го почнаа со изгубен прв сет. Момците на Де Џорџи во четвртфинале и полуфинале претходно поведуваа но играа дуели во пет сета.
На крајот заслужено славеа со 3-1 предводени од неверојатниот Даниеле Левиа кој имаше 19 поени, Алесандро Микиелето со 14 пони и Јури Романо со 13 освоени поени. Капитенот Симоне Џанели запиша седум поени од позиција на техничар.
Кај Полјаците Александар Шливка со 12 и Камил Семенјук со 11 поени беа најефикасни.
Ова е прво светско злато за Италија после цели 24 години (последното го освоија во Јапонија во 1998 година).
ITALY 🇮🇹: 2022 WORLD CHAMPIONS!!!
— Volleyball World (@volleyballworld) September 11, 2022
After 2️⃣4️⃣ years, the world title is going back to Italy!
⚡️ #Electrifying2022 #Volleyball #MWCH2022 pic.twitter.com/x8Y4tu27jP