Со изговор дека е уморен и исцрпен по шампионската сезона со Денвер Нагетс, Јокиќ уште еднаш ја разочара српската јавност и навивачите кои потајно веруваа дека нивниот тим на чело со него може да дојде до толку посакуваната титула светски првак.
Со оглед на тоа дека ова не е првпат Јокиќ да ја „олади“ Србија со тоа што реши да не игра за репрезентацијата, навивачите ги преплавија социјалните мрежи, каде може да се прочитаат еден куп коментари полни со гнев и разочарување.
„А вие луѓе, станувајте во четири сабајле да го гледате и навивате“.
„Човекот има обврски на хиподром“.
„Никола Јок. Оди мајсторе играј за Америка. Земи ги коњите со себе“.
„Јас сум будала што станувам да те гледам“.
„Очекуваше ли некој поинаков исход?“
„Веќе не треба ни да му се јавуваат, а камоли да го убедуваат“.
Српските медиуми пишуваа дека за неговиот настап на Светско се шпекулирало веќе подолго време. Прво се спомнувале семејните обврски, а потоа и одморот.
Постоело можност Јокиќ во договор со селекторот Светислав Пешиќ да добие продолжен одмор. На крајот ситуацијата не се променила и Јокиќ ги известил селекторот и Кошаркарската федерација на Србија дека дефинитивно нема да биде дел од тимот кој има големи очекувања на Мундијалот.
Селекторот Светислав Пешиќ денеска во 16 часот ќе и се обрати на јавноста преку прес конференција, на која меѓу другото ќе зборува за големиот број на откажувања.
Со него ќе се појави и првиот човек Кошаркарската федерација на Србија, Предраг Даниловиќ, кој многу ретко се појавува во јавноста и генерално не ги коментира настаните во српската кошарка, а на новинарите ќе им биде достапен новиот капитен на српската репрезентација Богдан Богдановиќ.
Пешиќ денеска конечно треба да го открие поширокиот список за претстојното Светско првенство кое се игра од 25 август до 10 септември во Филипини, Јапонија и Индонезија.
Србија е една од ретките репрезентации која досега не објавила ниту пробен список на кошаркари, а денеска селекторот треба да потврди дали се точни информациите дека добил вкупно 8 откажувања.
Покрај Јокиќ, Србија ќе биде драстично ослабена и поради отсуството на Василије Мициќ, Никола Калиниќ, Огњен Јарамаз и Стефан Јовиќ.
Се очекува на списокот да ги нема и повредениот Владимир Лучиќ, недоволно опоравениот Немања Бјелица и Бобан Марјановиќ.
Тешко дека по бурната кавга лани, селекторот ќе го врати на списокот Милош Теодосиќ, иако Србија во моментов нема друг плејмејкер.