Американската кошаркарска репрезентација на големите натпреварувања последен пат изгуби на 1 септември 2006 година, од Грција. Од тогаш до денес Американците имаат 57-0 на големите турнири.
По шамарот кој репрезентацијата на САД го доживеа на Олимпијадата 2004 кога имаа 3 порази (најубедлив во историјата на нивните учества на Олимпијада 92-73 од Порторико, -17 разлика), од Литванија 94-90 и од Аргентина во полуфинале 89-81, управата на кошаркарската федерација на САД преосмисли нова стратегија.
Репрезентацијата доби постојан тренер а не привремен, тренинг камповите станале подолги и поорганизирани а да се игра за Америка станало престижно. Резултатот: 3 злата на Олимпијади, две злата на Светски првенства и исто толку на Американскиот Куп.
Но престижот како да стана непостојан. Во Пекинг во 2008 година, тн. „Redeem Team“ („Тим на искупувачи“) имаше една задача - да ја врати Америка на местото лидер на американскиот спорт.
Во 2012 година Американците во Лондон, во најголемата светска сала сакаа да ја покажат современата верзија на Дрим Тим: Леброн, Коби и Дурент во ист тим (а до нив Вестбрук, Харден и Ентони Дејвис).
Во Рио 2016 поради вирусот Зика во Јужна Америка почнаа масовни откази во репрезентацијата. Оние кои веќе имаа злато од претходните Олимпијади во Лондон и Пекинг не гледаа смисла да го губат летото на нов долг турнир. А откажуваа и оние кои немаа медали: Кари се пожали на умор, Лилард на болки во петата, на Хејворд му се родило дете, Кавај кажал не доаѓам.
Репрезентацијата на САД за Олимпијадата во 2016 година се состоеше од 11 Ол-Стар ѕвезди плус Харисон Барнс. На Светско првенство секогаш имале и ѕвезди од втор ешалон и резервисти како Дени Грејнџер, Руди Геј, Кенет Фарид, некој од браќата Пламли и слични. На Купот на Америка 2017 Американците пратиле играчи од Д-лигата.
ПРОБЛЕМ ПРЕД СВЕТСКОТО 2019
Пред почетокот на Мундијалот во Кина овој август, САД се најде во многу полоша кадровска состојба од вообичаеното, и тоа кога НБА е поплавена од странци (MVP на лигата е Грк, главна ѕвезда во развој е Словенец, најдобар одбранбен играч втора година по ред е Француз, има ѕвезди од Камерун, Австралија, Србија, Канада).
Да, и другите селекции имаат откази, за Австралија нема да игра нивниот најдобар играч Бен Симонс, за Нов Зеланд Стивен Адамс, за Канада неколку важни кошаркари, а за Шпанија нема да игра лидеерот Серхио Чачо Родригез.
Но пола состав како во САД досега не му откажал на ниеден селектор од учесниците на Светското.
ОБНОВУВАЊЕ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Сите претходни успеси на Олимпијадите и Светските првенства во последниве неколку години беа поврзани со името на Мајк Кжижевски. Легендарниот тренер од Универзитетот Дјук доби долгогодишен договор и стана неутрален симбол кој не е поврзан со ниедна екипа од НБА.
Во 2016 година тој замина од селекцијата, па за Купот на Америка и квалификациите за Светско, од клупата Америка ја водеше Џеф Ван Ганди кој се врати од коментаторското столче, а после официјално селектор стана Грег Поповиќ.
Поп има договор само до 2020-та, така што неговиот наследник ќе го започне новиот циклус на 8-10 години. Грег се реши отказите да ги пополни со: Донован Мичел, Џејсон Тејтум, Џејлен Браун, Маркус Смарт, Џулиус Рандл, Кајл Кузма. Многумина ги сметаат овие кошаркари како јадро на селекцијата на САД од 2020 па натаму.
Епохата на Леброн-Кармело-Дурент-Кари како да заврши а тоа го знаат и во раководствово на федерацијата.
ОТКАЗИ ПОСЛЕ НАПОРНАТА МЕЃУСЕЗОНА ВО НБА
Најголем дел од оправданијата за своите откази се фразите: „треба подобро да се подготовам за новата сезона во клуб“. Годинава овој изговор првпат има смисла затоа што практично сите екипи во НБА во новата сезона ќе влезат обновени.
Во принцип, американските кошаркари речиси секогаш повеќе го ценеле златото од Олимписки Игри отколку она од Светско првенство, па причината за откази треба да се бара и тука.
КИНЕСКО ВРЕМЕ И РАЗЛИКА ВО ВРЕМЕНСКА ЗОНА
Уште еден фактор кој им влијае на играчите и гледачите во САД е времето во ќе се играат натпрварите. Сите НБА кошаркари ја сакаат Азија за рекламниот капацитет и одат таму за спонзорски договори секое лето, но да се игра баскет е посложено. Барем за нив.
Дуелите на САД иако најинтересни ќе почнат во 8:30 часот по њујоршко време и 4:30 во длабока ноќ во Лос Анџелес. Кошаркарите ќе мораа да ги победат поспаноста и временската разлика а потоа да го повторат овој процес по враќањето дома.
Дури ни Олимпијадата во Пекинг не била толку неудобна за американските гледачи: многу натпревари на САД почнуваа во 10 часот по њујоршко време а финалето беше најубаво за гледање на Западниот брег кој почна во 22:00 вечерта.
ТРАМП
Најчудниот мотив за отказите, разни „експерти“ и „инсајдери“ му го препишуваат на Трамп.
За разлика од Барак Обама, роден во Чикаго, човек поврзан со кошарката и голем навивач на Булс како и близок со многу НБА кошаркари - претседател во чие време САД освои три злата на Олимпијадите и имаше победничка серија без пораз на Светски првенства, Трамп нема многу блискост со НБА ѕвездите.
Голден Стејт во 2017 и 2018, како и женскиот шампион во WNBA одбија да дојдат на традиционалната средба со претседателот во Белата куќа (се пишуваше дека и Трамп самиот не ги викнал).
Аналогно, од 1968 до 1972 година, некои американски спортисти меѓу кои и Карим Абдул-Џабар, Џамал Вилкинс и Бил Волтон ги бојкотирале Олимписките Игри поради политички мотиви.
Така што не се исклучува и сега отказот да се игра за репрезентација да се толкува како политички гест. Женската фудбалска репрезентација на САД исто се конфронтираше со Доналд Трамп, но се вратија со злато. Останува да видиме кошаркарите кои ќе отпатуваат во Кина со што ќе се вратат во САД.