Хокси направија серија на паметни потези околу драфтувањето, купувањето и размената на играчите, а како стигнаа до овие резултати сезонава анализира businessinsider.com.
Корисни драфтувани пикови (Ал Хорфорд, Џеф Тиг, Денис Шредер)
Најпрепознатливо име кај Хокси е Ал Хорфорд, кој инаку е еден од најпотценетите крупни играчи во НБА. Тој беше драфтуван под број 3 во 2007 година и сега е единствениот играч кој остана во тимот од времето на Џо Џонсон и Џош Смит.
Хорфорд стана столб во одбраната на Атланта и еден од најпостојаните офанзивни играчи. Иако нема зад себе бројки за да биде супер ѕвезда, тој помага со просечен скор во кариерата од 14 поени и 9 скока. Во изминативе две сезони, повредите го ограничија, но кога е здрав тој е еден од најдобрите играчи во тимот.
Плејмејкерот Џеф Тиг беше избран како 19-ти пик на драфтот во 2009-та и секоја година покажува напредок. Тиг во просек има по 17 поени (48% од поле), 7,2 асистенции, 2,8 скока и 1,8 украдени топка. Хокси направија вистинскиот избор кога пред две години го ангажираа како слободен играч.
Германецот Денис Шредер пред две години беше избран како 17 пик на драфтот и тој сезонава важи за еден од подобрите играчи во Атланта. Шредер од клупата помага со 8 поени и 3 асистенции по натпревар, а сезонава беше на паркетот во неколку клучни моменти.
Засилувања кои дојдоа како слободни агенти (Пол Милсап, Демари Керол, Перо Антиќ, Мајк Буденхолзер)
Атланта во последниве години донесе неколку важни кошаркари без да плати ни долар. Во 2013-та со Пол Милсап потпиша две годишен договор вреден 19 милиони долари, а тој заедно со Хорфорд даде уште поголема тежина во рекетот. Сезонава просечно постигнува по 17 поени на натпревар и остварува по 9 скока и 3 асистенции.
Во Демари Керол, Хокси добија силен одбранбен играч на крило кој помага во тимот кој ја има петтата најдобра одбрана сезонава. Керол во 2013-та потпиша евтин две годишен договор за 5 милиони долари, а претходно имаше бледи сезони во Денвер, Хјустон и Јута. Тој има просек од 11 поени, 5,6 скока и 1,4 украдена топка.
Перо Антиќ пристигна во 2013 година од Македонија откако одигра неколку сезони во Источна/Југоисточна Европа. Иако Антиќ не остварува големи бројки од клупата, сепак Хокси со него имаат адекватен центар за да се носат со поголемите тимови.
Во овој бран на Атланта влегува и тренерот Мајк Буденхолцер. Тој неколку години му беше асистент на Грег Поповиќ во Сан Антонио и од таму применува некои делови од стилот на игра. Буденхолцер се наметнува како кандидат за тренер на годината.
Играчи на размена кои се вклопуваат во тимот (Кајл Корвер, Табо Сефолоша)
Кајл Корвер дојде од Чикаго Булс во 2012 година во размена со доплата. Тој рече дека е разочаран што ги напушти Булси, но стана клучен играч на Хокси. За Атланта потпиша повторно во 2013-та, 4 годишен договор за сума од 24 милиони долари. Тој е водечки играч во офанзивата, а од линијата за три поени шутира со 52%.
Хокси со Табо Сефолоша добија уште едно солидно крило со дефанзивни задачи, а го донесеа во размена со Оклахома Сити. Тој не остварува голем учинок, но со неговите способности во одбраната ќе има важна улога во тимот.
Ослободување од преплатените играчи (Џо Џонсон, Џош Смит)
Ништо од ова немаше да биде можно ако Атланта Хокс не се ослободеше од играчите кои беа високо платени.
Клубот му дозволи на Смит да замине во Детроит летото во 2013 година и не се согласи да му направи договор од 54 милиони долари, колку што доби од Пистонси. Две години подоцна, тоа се покажа како мудар потег, бидејќи тој не успеа и сега е во Хјустон.
Во 2012-та Атланта се ослободи од Џонсон и неговиот огромен договор од 90 милиони долари. Откако им го продаде на Бруклен Нетс, Хокси престанаа да носат скапи ѕвезди и почнаа да градат тим кој е подобар од збирот на неколку поединци.