По раните елиминации на топ фаворитите за подиумот Србија, Грција и Словенија кои во своите редови имаат топ НБА суперѕвезди, симпатиите на јавноста ги освоија делумно аутсајдерите кои играат срчано и храбро.
Полска после неверојатна драма, за малку прокоцкано водство од 23+ поени и луд финиш го сруши европскиот првак Словенија и ја симна оваа селекција од тронот.
Лидер и главен јунак на победата беше капитенот Матеуш Понитка. 32-годишниот кошаркар на италијанска Реџана кој во кариерата играше во просечни европски клубови како Асеко Проком, Остенде, Пинар Каршијака, Локомотив Кубањ и Зенит Санкт Петерсбург, ја освои целата нација која до неодамна му беше кивна зошто воопшто размислува да остане во рускиот клуб по избивањето на воениот конфликт во Украина.
На првиот меч на Европското, Полјаците убедливо го совладаа домаќинот Чешка со 99-84. Мариуш на тој меч имаше 26 поени, 4 скока и 9 асистенции за 28 минути и 41 секунда на паркетот. Полска потоа беше декласирана од Финска со 40 поени разлика (89-59), а вториот триумф за пласман во следна рунда го обезбедија против Израел. Изгубија и од Србија за конечен учинок 3-2 и пласман понатаму.
А таму прво против незгодната и тврда Украина која во групна фаза заврши подобро пласирана од селекции како Италија и Хратска, во тандем со натурализираниот Еј-Џеј Слотер кој уфрли 23 поени, Понитка блескаше со 22 поени, 9 скока и 6 асистенции за 32 минути и 29 секунди на терен. Полска закажа дуел со европскиот првак Словенија.
Во четвртфиналето, Полјаците забележаа историски и сензационален триумф. Матеуш Понитка беше играч на мечот и влезе во историјата. Стана само четврти играч во историјата на европските првенства со трипл-дабл после Стојан Вранковиќ, Тони Кукоч (во 1995-та даде 15 поени, 12 скока и 11 асистенции) и Андреј Мандаче (во 2017 на Евробаскет уфрли 14 поени со 10 скока и 11 асистенции), со тоа што Понитка постигна 26 поени, најмногу од сите овие рекордери на Евробаскети.
Полска првпат после 1971-ва година е во големо полуфинале на Европско.
„Дефинитивно знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Бев изненаден морам да признаам со тоа како игравме сјајно во првиот дел. Не видов такво нешто на ова првенство, знаев дека Словенија има одлични играчи, знаевме колку се добри, колку се борат, не притискаа во трета четвртина, им допуштивме голема серија и после повторно беше израмнет дуел.
Зборувавме за тоа во соблекувалната, се обидовме да бидеме храбри, но мора да имаме на ум дека немаме многу искуство во вакви ситуации, зошто не сме биле така често во четвртфинале. За мене се е јасно, нашиот тим го даде срцето, горд сум на својата екипа. Никој не веруваше во нас. Секој турнир има своја Пепелашка, а ние сме овој пат“, емотивно возбуден изјави јунакот на Полска Мариуш Понитка.
КОНФЛИКТОТ СО РОДЕНИОТ БРАТ
Пред стартот на Евробаскетот 2022, од Полска стигнаа чудни вести. Ретко кој можеше да поверува што чита. Марсел Понитка, помладиот од браќата, исто репрезенативец на Полска, изјави дека главна причина зошто тој не е на списокот патници е поради тоа што брат му Мариуш го поставил тоа како услов за тој да дојде на Европско првенство.
„Или он или јас“ наводно бил условот на Мариуш до селекторот и федерацијата на Полска. На крајот хрватскиот селектор Игор Миличиќ кој е творец на најголемата сензација на Европското досега, се решил за искусниот Мариуш кој на паркетот најдобро одговори на сите критики.
Во разговор за полската TVP пред стартот на Европското, Матеуш Понитка решил да ги разреши сите дилеми околу неговиот конфликт со семејството, пред сè со брат му.
„Марсел и неговите родители постојано прават жртви од себе. И јас нема да дозволам некој да ми го навредува семејството. Го избрав својот сопствен пат во животот на 19 години. Од тогаш, жена ми и јас сме постојано навредувани од моите родители а подоцна и Марсел им се придружи. Зборував со него и го предупредив дека нашата фамилија ќе направи се да ме изолира зошто не ги сакав.
За жал Марсел одбра поианков пат. И кога и да му требаше моја помош, па и финансиска, никогаш не го одбив. За возврат ме навредуваше и ги исмеваше моите кошаркарски способности. Прашајке Марсел за разговорот со нашиот тренер во Зиелона Гора Сашо Филиповски кога тој се расплака. Или нека раскажа за тоа како ме омаловажувал пред други играчи како Лукаш Кошарек.
Молчев за ова долго време и никогаш не прозборев за Марсел. Никој не ја знае вистината која мора да биде кажана“.
На прашањето дали постои шанса да се смири со брат му и родителите, Матеуш Понитка, јунакот на кошаркарска Полска рекол:
„Нема шанси да се заврши конфликтот. Не можам да замислам да играм со него во ист тим. Ако тренерот процени дека Марсел е покорисен за тимот, јас ќе бидам повеќе од среќен да му го отстапам местото во репрезентација“.
Во уште поголемо откривање интимни детали, Матеуш отворено се исповедал до крај:
„Моите ми поставија ултиматум да бирам меѓу нив и жена ми. Ја одбрав љубовта и личноста која се грижи за мене секој ден во последните десет години. После почна нивната одмазда за сите нас. Има два терени во семејството, еден против мене и еден неутрален“.
Претходно легендарниот полски центар од НБА, Марсин Гортат го нападнал Понитка-постариот зошто размислувал да потпише нов договор со руски Зенит Санкт Петербург во ситуација кога Русија е во воен конфликт со Украина.
По крајот од четвртфиналето, Мариуш Понитка е најголем херој во Полска. Веќе никој нема право да му каже каде и како ќе игра. А тој ужива во баскетот и со нетрпение го чека големото полуфинале против Франција која едвај се спаси со Италија после продолженија. Во другото полуфинале ќе играат домаќинот Германија и Шпанија.
НАЈГОЛЕМ ПОЛСКИ КОШАРКАР ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕЦЕНИИ
Пред 12 години, во 2010-та, на Светското кадетско првенство одржано во Хамбург, кадетите на Полска одиграле врвна кошарка и стигнале дури до финалето каде очекувано златото е загарантирано за САД на секој Мундијал. Американците тогаш биле предводени од Бредли Бил, актуелна ѕвезда во НБА.
На тој турнир Матеуш Понитка бил избран во најдобрата петорка со сребро околу вратот. Неговата кариера почнала во родниот град Остров Виелкополски а потоа потпишал со Полонија Варшава каде го докажал талентот. На 19 години првпат се испробал во елитната Евролига со Асеко Проком од каде се сели во белгиски Остенде.
По извесно време се враќа во татковината и го облекува дресот на Зиелона Гора со која игра во Еврокуп а патот и одисејата ги продолжи во Турција, Шпанија и Русија.
Во Зенит развил сјаен однос со шпанскиот тренер Чави Пасквал и речиси сигурно би продолжил во овој клуб да не почнел воениот конфликт во Украина поради што хистерично од него било барано да замине од Русија. Пред почетокот на Европското Понитка потпишал 3-месечен договор со италијанска Реџо Емилија, а договорот ќе стапи на важност по крајот на Евробаскетот.
Амбициозен и симпатичен коментар на Пољаците откако го урнаа европскиот првак