Евролига да го менува системот и да батали Фајнал Фор

Кошаркарските стручни коментатори по финалето во Кануас беа едногласни во ставот дека челните луѓе на Евролига треба сериозно да размислат да го укинат Фајнал Форот и да воведат систем како во НБА финалето каде би се играло до неколку добиени меча по принципот дома-гости.

За тоа колку актуелниот систем е неправеден говори податокот дека Олимпијакос сезонава беше убедливо прв со 24 победи од 34 кола. Ги победуваше најголемите ривали, Барселона и Реал Мадрид четири пати сезонава и дома и на гости, за да на крајот изгуби со поен постигнат во последните секунди од финалето.

Шанса за поправен нема и тоа е мошне неправедно за онаа екипа која речиси шест месеци играла маестрална кошарка.

Црвено-белите и самите со нашиот Перо Антиќ стигнаа до титулата на уште посуров начин, во 2012-та кога со кош на Принтезис на 0,7 стотинки до крајот емотивно ја скршија ЦСКА Москва која претходно разбиваше цела сезона.

Идентично сурово минатата година Реал Мадрид изгуби во големото финале во Белград во последни пар секунди од Ефес Пилсен со кош на Василије Мициќ.

Системот 2-2-1, како што и се игра нокаут фазата во осминафинале и четвртфинале би бил најправичен и за самото финале, и во таа смисла лидерот на крајот од регуларниот дел би имал предност домашен терен, односно би играл 2 дома, па 2 на гости а евентуална мајсторка би играл повторно пред своја публика.

Поддржувачите на актуелниот Фајнал Фор систем кој важи и во ракометна Лига на шампиони, велат дека освен поголемата возбуда од еден меч и драматичен финиш, на организаторите им носи и поголем приход што пак може да се оспори со тезата дека големи приходи би имале и од евентуални 7 финални дуели како во НБА, па нека победи подобриот.

22 мај 2023 - 12:52