Иако бил само ревијален натпревар, сепак по многу нешта е раскажуван како посебен. Велат животот не се мери по бројот на вдишувања, туку по бројот на моменти кои им го одзеле здивот на тие што имале привилегија да го гледаат во живо.
Се одиграл во Сараево, градот кој во тоа мајско утро бил во транс, а неколку часа пред стартот на мечот преполнетите трибини во спортскиот центар Скендерија се треселе од навивање. Сите биле во исчекување на едно место да ги видат двете екипи полни со ѕвезди или онаа златна генерација на југословенската кошарка во која сепак фалат неколку важни имиња како на пример Владе Дивац и Дражен Петровиќ.
За „Белите“ настапиле: Ѓорчевиќ, Буква, Комазец, Табак, Бацаљ, Пецарски, Даниловиќ, Јовановиќ, Кукоч, Накиќ, Сретеновиќ и Чутура.
Црвениот дрес го носеле: Митровиќ, Авдиќ. Радуловиќ, Здовц, Цвјетинчанин, Савиќ, Паспаљ, Кнего, Мариќ, Обрадовиќ, Приморац и Перасовиќ.
Иако резултатот бил во втор план „Белите“ на крај славеле со 125:114, а ги предводел легендарниот Тони Кукоч на кој потоа знаеме како и во чие друштво му помина кариерата во НБА во 90-те.
Кога кошаркарите се појавиле на паркетот, ги поздравиле со громогласен аплауз, еуфоријата била преголема, а чест да видат во Скендерија имале околу 7.000 навивачи. Иако политичката ситуација во тоа време не била баш најдобра, сепак таа ноќ кошарката ги победила сите опасности кои се надзирале.
Сараево како симбол на кошаркарските Ол Стар игри 1991-ва на братство и единство, во голем стил положил еден голем испит. Организатор на историскиот настан бил Вечерње новине, а на тој ревијален меч се потсеќа заменик директорот на весникот, Намик Филиповиќ:
„На територијата на поранешна Југославија ние веќе бевме препознатливи. Имавме дневен тираж од 150.000 примероци и организирањето на овој меч беше само една од многу бројни акции кои ги правевме во тоа време. На турнир во мал фудбал ги донесовме Ајакс и Хамбург. Во склоп на подготовките на Европското кошаркарско првенство 1991-ва во Италија, дојде до идеја да се организира таков настан во Скендерија.
Сите работи со кошаркарскиот сојуз ги договоривме преку телефон. Тоа беше прв и единствен таков натпревар. Салата беше премала да ги прими сите заинтересирани. Мислам дека до тогаш немало повеќе публика. Тоа беше сигурно најдобрата кошаркарска генерација, а повеќето од нив завршија во НБА лигата. Селектор беше Дуда Ивковиќ. Тие момци во финалето на ЕП таа година ја победија Италија среде Рим со 15 коша разлика“.
Двете екипи биле рамноправни по квалитет, а играчите беа свесни дека последен пат во својот живот играат еден ваков натпревар.
„Немаше поделба на исток-запад или север-југ, туку тренерите се трудеа да направат две подеднакви екипи. Тоа беше интересна пресметка на Паспаљ против Ѓорѓевиќ и Кукоч против Кнего. Бидејќи сум дете на Сараево, бегав со денови од пријателите затоа што сите ми бараа карти, а немаше шанси да ги задоволиме сите. На крајот полицијата ме побара да не се пуштаат влезници во продажба од безбедносни причини. Мислам дека сите кошаркари тој спектакл го доживеаа како пријателска средба. Тоа го покажаа и на ЕП во Рим“.
За МВП на мечот го прогласиле Тони Кукоч кој ја добил наградата и на натпреварот во забивање. Најдобар во шутирање тројки бил Аријан Комазец. Целиот спектакл траел околу 3 часа, а кога дошол крајот луѓето барале уште и не сакале да си одат дома.
Добро е што од овој епски собир на генерацијата која во 1989-та и 1991-та стана Европски, а во 1990-та Светски првак, имаме и видеа, па одиме со ред.
Забивањата
Тројките
Хајлатс од мечот