Лош, полош, Детроит Пистонс

Детроит Пистонс синоќа изгуби од Бруклин Нетс 118-112 и со тој пораз постави нов негативен рекорд со дури 27 порази по ред во лигата што е апсолутен рекорд.

Она што му се случува на Детроит Пистонс е неверојатно. Екипата не може да победи ни дома ни на гости веќе со недели.

А сè почна така ветувачки пред неколку месеци кога сопственикот на Детроит Пистонс Том Горс изјави за новиот тренер на екипата Монти Вилијамс: „Тој пронајде рамнотежа меѓу број на победи на највисоко ниво и истовремено да ѝ вградува на екипата култура на раст, развој и инспирација. Имам огромни очекувања. Ова е голема победа за Детроит“.

Монти Вилијамс како тренер на Детроит го доби еден од најбогатите договори во историјата на тренерите во НБА, од 70 до 100 милиони со бонуси.

Монти стана седми тренер на клубот под водство на Том Горс, а претходните сопственици на Пистонс смениле дури 17 тренери! Но има едно „но“: основачот на клубот Фред Золнер владеел со Детроит Пистонс 35 години, Бил Девидсон и неговата вдовица владееле со клубот 37 години.

И Золнер и Дејвидсон се повеќекратни шампиони во НБА со Детроит Пистонс, едно време го воделе и Советот на директори во НБА и дури влегле и во Куќата на славните во НБА.

А третиот сопственик во историјата на Детроит Пистонс, Том Горс, владее со клубот од 2011-та година а првиот тренер го сменил после само четири дена откако го купил клубот.

Тој за разлика од своите претходници би можел да влезе во Куќа на „неславните“ во НБА затоа што Пистонс под негово водство цели 12 години не победиле ниту еден меч во плејофот а при негово владеење само два пати влегле во плејофот и тоа два пати едвај од последното осмо место кое води таму.

Детроит во 2023-та година не победи на ниту еден меч во регуларната сезона во НБА! А камоли да помислува на плејоф. Поразот од Бруклин синоќа им е неверојатно дури 27-ми по ред во серија! Интересно, Бруклин им го нанел и 26-от и 27-от пораз во низа, еднаш дома и еднаш на гости претходниве денови.

Екипата на тренерот Монти Вилијамс и официјално е најлоша во историјата на НБА!

Претходно Филаделфија имала полош рекорд со 28 порази по ред во 2015-та но во две сезони по ред (10 во едната и 18 во другата) така што тој параметар не се смета.

 

Детроит Пистонс наскоро би можел да „го урне“ и најслабиот рекорд во историјата на американскиот фудбал, оној на Чикаго Кардиналс кој имал неверојатни 29 порази (серијата им почнала во сезона 1942-ра а ја прекинале дури во 1945-та!).

Клубот Винипег во хокеарската НХЛ имал 30 меча без победа (7 нерешени и 23 порази) во ’80-те години.

27 декември 2023 - 13:44