Денвер и Јокиќ го скршија отпорот на ЛА Клиперс за полуфинале на Запад

Кошаркарите на Денвер Нагетс конечно, во седмата средба, во мајсторката го совладаа ЛА Клиперс и се пласираа во полуфинале од Западната конференција каде Јокиќ ќе има дуел со најголемиот ривал за МВП наградата - Шеј Александер-Гилџес.

Фото: Epa Images
Фото: Epa Images
Photo: Epa Images

Денвер Нагетс конечно заигра како треба и го разби ЛА Клиперс убедливо. Решавачки беше третиот период од дуелот во кој Нагетс направи серија од 17-0 и избега на недостижни +28 поени разлика (82-54). Тогаш веќе се знаеше победникот.

Никола Јокиќ постигна 16 поени, имаше 10 скока и осум асистенции. Покрај него, во „Бол Арена“ пред своите гледачи домашниот терен го одбранија Арон Гордон со 22 поени, Кристијан Браун со 21 поени, Расел Вестбрук и Џамал Мареј со 16 поени и Мајкл Портер кој даде 15 поени.

Кај поразените ЛА Клиперс кои покажаа дека сезонава можат да играат против некогашниот шампион, прв стрлец беше Кавај Ленард со 22 поени а тотално потфрли нивниот лидер Џејмс Харден со само 7 постигнати поени и 2/8 од игра. Богдан Богдановиќ постигна 12 поени колку што имаше и Дерик Џоунс а Ивица Зубац стигна до дабл-дабл со 10 поени и 14 скока.

Јокиќ, Мареј и другарите предводени од новиот тренер, Дејвид Аделман сега во полуфинале на Запад ги чека страшната Оклахома Сити Тандер, убедливо најдобрата екипа од лигашкиот дел од НБА сезоната. Оклахома имаше повеќе денови за одмор затоа што просто го збриша Мемфис Гризлис со 4-0.

Првиот натпревар се игра во ноќта меѓу понеделник и вторник.

 

4 мај 2025 - 07:57