Цели педесет и шест години Денвер Нагетс преживувал падови и разочарувања.
Клубот првично бил планиран во Канзас но не можеле да најдат сала и го преселиле во соседна држава уште пред стартот на првата сезона на АБА (претходница на НБА) во 1967/1968.
Пред да стигнат до НБА, клубот два пати бил преименуван и два пати менувал клупски бои, па денес никој не ги памети како портокалови-црни и пурпурно-жолтите бои. Од екипата при основањето заминале најдобрите кошаркари кои барале подобри клубови во НБА.
Финалето во 1976-та е прво и последно во историјата на Денвер во таканаречената АБА лига. Изгубиле во тој меч за трофејот.
Понатаму во НБА во 1980-те години еден период имале најдобар напад во лигата, но немале добра одбрана ниту шампионски амбиции. Денвер Нагетс бил просечен клуб со скромни сезони, особено во за нив депресивните ’90-ти години. Подоцна го избраа Кармело Ентони н драфтот и направија голем бум. Кармело играше со Ајверсон. Кармело играше со Чонси Билапс. Кармело стигна до финалето на Западот против Коби Брајант. Па Кармело бараше трампа итн.
Ништо значајно не се случувало во Колорадо до појавувањето на Србинот Никола Јокиќ од Сомбор. И покрај одличните негови партии, екипата претрпе болен пораз во таканаречениот „меур“, во балонот во Орландо за време на пандемијата кога изгубија од ЛА Лејкерс.
Јокиќ два пати по ред ја доби највредната статуетка за МВП како признание за најдобар играч во лигата но не се задоволи. Сакаше уште. Во тој период сите сомневаа дека Денвер Нагетс ќе склопи шампионска екипа.
ПАТОТ ДО ВРВОТ
Трнлив и нималку лесен пат не ги чекаше Нагетс до толку очекуваната шампионска титула која што ја сонуваа од основањето. Последниот чекор им беше најтежок. И покрај тоа што водеа 3-1 во серијата, и покрај преполните и еуфорични трибини во петтиот клучен меч и покрај статусот голем фаворит против осмопласираниот Мајами Хит, Денвер мораше крваво да се избори за победа и титула.
„Не слушајте кога ви зборуваат за вашата величина, затоа што уште ништо не сте освоиле. За да станете шампиони треба да победите уште еден меч. Просто ќе одиме од четвртина до четвртина“, ги будел тренерот на Денвер Мајкл Мелоун играчите.
Претсказанието на Мелоун се овистини. Во секоја четвртина Нагетс правеа нешто ново. Во првата открија дека може да заборавиш како се подава и шутира, па дури и слободни фрлања. Во втора дека одбраната не е доволна цврста за животен меч. Во трета дека Мајкл Портер не е во состојба да погоди ниедна тројка. Во четврта дека суперѕвездите освојуваат титули.
Никола Јокиќ не сакаше сам да победува и радикално се држеше до своите принципи кои ги прикажа уште на своето деби во НБА. „Отворен - шутирам. Не сум отворен - подавам. Играм баскет така едноставно како што можам“. Само што сега соиграчите не ги користеа маестралните асистенции на Никола и на сите освен на Србинот им трепереа рацете во финалето.
Јокиќ го реши шампионското финале со 28 поени, 16 скока и 4 асистенции со дури 75% прецизност од игра. Токму лидерот на Нагетс ја држеше играта под контрола.
Џими Батлер се обиде на крајот да стане јунак на Мајами Хит како на претходни натпревари, но „изгоре“ во желбата па на +2 за Денвер промаши две тројки по ред и имаше клучна изгубена топка, иако тој лично ги постигна последните 13 поени за Хит.
Џими исто игра по исклучиво свои лични правила и принципи. Не сомнева во себе никогаш, тврдоглаво носи одлуки за кои смета дека се исправи, па дури и ако не му успеат. Овојпат беше така. Не му успеаа.
На крајот победа на Денвер Нагетс. Никола Јокиќ е избран за најдобар играч на финалната серија, доби МВП признание откако сите 11 гласа во жирито отидоа кај него.
Никола сезонава е број 1 во плејофот по број на поени (600+), скокови (269), асистенции (190). Никој и никогаш досега не станал лидер во плејофот во сите три главни статистички категории како него.
Најдобар кошаркар на светот во моментов. Шампион во НБА.
И шампион во спонтаност.