Делириум во Чикаго, Булс со тројка од пола терен го победија Лејкерс

Кошаркарите на Чикаго Булс ја извојуваа најлудата победа сезонава во НБА. Во својата сала губеа 18 поени во последниот период од мечот со ЛА Лејкерс а на крај славеа 119:117 со кош во последна секунда од пола терен.

Чикаго Булс најпрвин во четврата четвртина имаа -18, па спутштија на -5 на 12,6 секунди до крајот (100:105). Тогаш тројки погодија Патрик Вилијамс и Коби Вајт за водство 106:105 но Остин Ривс со брз влез поентираше на три секунди до крајот и Лејкерс пак се врати во водство.

Во последниот напад на мечот, Џош Гиди од преку половина терен фрли и погоди најлуд кош на сезоната за триумф на Чикаго Булс и лудо славје во „Јунајтед Центар“.

Јунакот Џош Гиди го заврши натпреварот со трипл-дабл учинок: 25 поени, 14 скока и 11 асистенции. Коби Вајт запиша 26 поени со 9 асистенции а Кевин Хертер стигна до 21 поен, со 6 скока и 5 асистенции.

Кај Лос Анџелес Лејкерс Остин Ривс беше прв стрелец со 30 поени, Лука Дончиќ броеше до 25 поени со 10 скока и 8 асистенции а Леброн Џејмс имаше 17 поени со 12 асистенции.

Ова е четврти пораз за Лејкерс на последните пет натпревари. Во Западна Конференција имаат учинок од 44 победи и 29 порази. Чикаго Булс е на 9-то место на Истокот. Во следното коло Чикаго Булс ќе го пречека Далас а Лејкерс ќе гостува кај Мемфис Гризлис.

28 март 2025 - 08:06