Ако во ракомет и фудбал ни создавале маки, во играта под обрачите Данска ќе треба уште многу да работи за да го достигне високото ниво кое го демонстрираше Македонија вечерва во Скопје.
Пред околу 4 илјади гледачи во „Борис Трајковски“, нашата селекција уште од самиот старт воспостави контрола над натпреварот, при што со серија од 8:0, поведовме на 19:11.
Дамјан Стојановски постигна 10 коша во првиот квартал, а натурализираниот Хендрикс доминираше под нашиот кош со 5 дефанзивни скока.
Во моменти кога имавме одличен проток на топката и добра организација на нападите, селекторот Џикиќ си дозволи да разигрува повеќе играчи од клупата.
Со резултат 22 - 13 заврши првата четвртина, а Дамјан, Хендрикс и Костовски во исто темпо ја почнаа и втората.
Гостите на неколку пати се приближија, но со тројката на Дарко Соколов од крило и добрата серија на Дамјан Стојановски, Македонија повторно се одлепи и на полувреме замина со високи 12+, 41: 29.
Почетокот на второто полувреме донесе и преполовување на разликата. Данците брзо се трансформираа од одбрана во напад и така ги казнуваа инертните потези на нашите репрезентативци.
По тајм - аутот на Џикиќ, црвено - жолтите се разбудија и со тројката на Костовски, во последната четвртина влегоа со највисоки 14+ поени разилка.
Прилично театралната публика во „Борис Трајковски“ се разбуди на 5 минути пред крајот, кога младиот Магдевски со тројка ја зголеми предноста на 30 поени разлика.
Хендрикс покажа дека ќе биде носител на играта на младата репрезентација. Со 15 поени, Американецот ја осигура победата на Македонија, триумф кој значи пласман на Европското првенство следната година во Украина.
На крајот конечни 80:46 и четврта победа за 9 бода во Д групата од квалификациите.
Дамјан Стојановски постигна 10 поени, колку што имаше и Бојан Трајковски. Кај Данците, центарот Бергштед со 15 поени беше најефикасен.
Во среда (20:30), повторно во главниот град, кошаркарите го затвораат успешниот циклус против Белорусија.