Антиќ: Да не си луд?

Иако замина на 31 година, имаше одлична деби сезона во најсилната кошаркарска лига во светот и на 50 натпревари оствари просечен учинок од 7 поени, 4,2 скокови и 1,2 асистенции по натпревар. Ова се впечатоците на првиот Македонец во НБА.

Уште кога беше тинејџер во Работнички, Перо Антиќ беше сметан за голем талент. Затоа професионалната кариера ја започна во грчкиот клуб АЕК на само 19 години. Си замина во 2005 и до 2011 година играше во Србија, Бугарија и Русија за скромни екипи кои не се дел од Европската елита и се далеку од Евролигата.

Летото 2011 сè се смени. Потпиша за Олимпијакос, освои две титули во Евролигата, играјќи одлично на фајнл-фор турнирот во Лондон и минатото лето го направи најнеочекуваниот потег. Потпиша за Атланта Хокс.

Деби сезоната во САД се покажа како чудесна бајка, проследена од милиони фанови ширум светот и затоа Eurohoops зборува со него по неговата пресвртница оваа година. Во Атланта ќе остане и наредната сезона и веќе се подготвува за да биде подобар. За националниот тим повеќе нема да игра, а во интервјуто за Eurohoops призна дека во минатото правел и грешки.

Ако некој ти кажеше во 2011 година дека ќе играш во Евролига со Олимпијакос, дека ќе освоиш две титули по ред и после тоа дека ќе играш во НБА и ќе имаш одлична деби сезона, каква ќе ти беше реакцијата?

- „Да не си луд нешто??? Прво многу сум среќен што за време на играњето во Европа се поврзав со најдобриот во неговата професија, агентот Мишко Ражнатовиќ. Со неговите совети, поддршката и мојата напорната работа, сè може да стане реалност.

Кога отиде во НБА, многу луѓе не веруваа дека ќе имаш минутажа и дека ќе има место за тебе во Атланта, но ти докажа дека грешат. Кои беа твоите амбиции пред да заминеш во САД и да започнеш нов живот и нова кариера?

- „Ме знаете, јас не се грижам за тоа што зборуваат луѓето...Знаев дека ќе има место за мене. Така беше и во Олимпијакос последните две години и јас секогаш давав 100% на терен. Кога добивам шанси, ги користам максимално. Кога дојдов во Атланта, психички се подготвив за да докажам дека можам да играм на највисоко ниво. Само така се успева. 

Последните три години малку по малку стигна до највисоко ниво. Зошто претходните сезони играше на пониско ниво, па дури ниту во Евролига? Тоа беше твоја грешка или само таква ти беше среќата и тајмингот? Како ја објаснуваш задоцнетата кулминација во твојата кариера? 

- Тоа беше моја грешка и грешка на агентите со кои соработував. Никој не најде време да поразговара со мене и да ми каже што е најдобро за понатаму. Секогаш ги одбиравме големите пари во помалите клубови. Плус малку сум експлозивен и мислам дека поради мојот карактер тренерите се плашеа да соработуваат со мене. Сето тоа се смени откако го имав првиот разговор со Мишко и потоа со Дуда Ивковиќ. 

Твојата приказна е како бајка. Само Сабонис замина во НБА на таа возраст и имаше важна улога во тимот. Како се случи тоа? Кога потпиша за Хокси, веруваше ли дека ќе имаш толку добра сезона и дека ќе бидеш избран на мечот за дебитанти на Ол стар викендот. 

- Го немав тоа на ум. Сакав само да се докажувам секој ден и ја користев секоја шанса. Тренерот Баденхолцер и тимот веруваа многу во мене. Тоа ми го олесни прилагодувањето. Требаше само да работам и да ја користам секоја секунда на паркетот.

Која е основната разлика помеѓу НБА и Европскиот стил на игра?

- Брзината на играта и цврстината на играчите. 

Што е следно? Ќе останеш со Хокси? 

- Да, останувам во Атланта бидејќи имам уште една година од договорот. Се чувствувам добро во тимот. Градот е одличен, исто и луѓето и јас уживам таму. 

Минатата сезона играше против сите НБА ѕвезди, Леброн, Дурент, Кармело и останатите. На кој кошаркар  најмногу му се восхитуваш? Кој те импресионираше најмногу? 

- Кевин Дурент, Леброн и Хауард! Дурент е екстра талентиран поентер кој е многу висок и може да игра и во одбрана. Леброн е фантастичен олраунд играч. Што може друго да кажам за него? Двајт Хауард е најсилниот против кој сум играл. Мислам дека спие во теретана.

Кој е најдобриот соиграч кој си го имал, а кој е најлош?

- Тешко е да се одговори тоа прашање, затоа што сите тие ми се пријатели... Најлошиот кој го паметам минатата година – никој. Има само еден, но тој не е кошаркар.

Следеше ли Евролига? Кој е твојот коментар за оваа сезона?

- Ја следев сезоната се додека не испаднаа моите два тима, Црвена Ѕвезда и Олимпијакос. После тоа ја немав истата мотивација. Севкупно, добра беше сезоната за овие два тима. Бев сигурен дека Олимпијакос ќе оди во Фајнлфор и ќе одев во Милано за да ги поддржам.

Кажи ми ги твоите планови и одлуки за националниот тим на твојата земја?

- Нема да играм повеќе за репрезентација. Ми треба одмор после оваа сезона, а ќе работам и за време на летото по специјална програма која кондициониот тренер на Атланта ја направи за мене. Време е новата генерација да оди напред и да го одведе националниот тим кон нови предизвици и успеси.

26 мај 2014 - 17:00