Прес конференцијата на претседателот на Реал Мадрид, кој важи за еден од најмоќните луѓе во Европа, се претвори во политичка расправија која ги зафати експертите, медиумите и прогресивните политичари. Шефот на фудбалот звучи како Доналд Трамп, пишува euronews.com
Флорентино Перез рече дека нема да се повлече по катастрофалната сезона, во која Реал Мадрид не успеа да се квалификува за финалето на ЛШ и ја загуби титулата во Ла Лига од Барселона.
„Жал ми е што морам да кажам дека не поднесувам оставка. Не одам никаде, тука сум за да се кандидирам на избори. Ако некој сака да се кандидира, ова е можноста. Но немојте да се движите во сенка на новински куќи“, изјави тој.
Перез рече дека во Реал Мадрид нема диктатура, туку дека тој е најдобриот претседател на сите времиња со освоени 74 титули и дека единствениот начин да го избркаат е „ако го застрелаат“.
Видливо лут, 79-годишникот го критикуваше неодамнешното медиумско известување за внатрешните тензии во клубот, вклучително и извештаите за инцидентот во соблекувалната во кој беа вклучени Орелиен Чуамени и Федерико Валверде, кои завршија во болница. Двајцата беа казнети.
Тврди дека играчите на Реал Мадрид „се тепаат секоја сезона“ и дека тоа е сосема нормално. Наводно, најмалку 4-5 играчи се удираат меѓу себе секоја година. Чуамени и Валверде ги одбрани како „добри деца“.
Перез се расправал со новинарот Давид Санчез де Кастро од ABC во врска со известувањето за Реал Мадрид. Го извадил телефонот од џеб и почнал да чита вести, смеејќи им се на „лажните вести“ од повеќе медиуми, главно од ABC. Подоцна објави дека ќе ја откаже претплатата кај нив.
„Татко ми ме претплати и ја откажувам во негова чест“.
Санчез де Кастро не беше единствениот споменат новинар на ABC. Осврнувајќи се на два неодамнешни статии објавени од медиумот за клубот, Перез рече:
„Една од нив е напишана од жена. Не знам дали таа знае нешто за фудбал.“

Најслушаната радио станица во Шпанија, Кадена СЕР, ги критикуваше коментарите на Перез, велејќи дека тие одразуваат „ароганција и сексизам“.
ABC ги опиша нападите како скандалозни и наменети за „прикривање на неуспесите на клубот“.
Некои колумнисти во Шпанија тврдат дека Флорентино Перез го изгубил чувството за пропорција за време на прес-конференцијата, а „Ел Мундо“ го спореди неговиот настап со „вежба на Трамп“.
Други пишуваа дека тоа бил пресметан обид да се одвлече вниманието од уште една сезона без трофеј - втората по ред за клубот.
Марка, традиционално најчитаниот спортски медиум во Шпанија, го опиша пресот како збунувачки и хаотичен и забележа дека Перез избегнал да се осврне на сопствената криза на клубот.
Перез не ги таргетираше само новинарите и потенцијалните ривали за претседателската фотеља. Предмет на остри критики беше и Ла Лига.
„Мораме да се бориме против непријателот Ла Лига. Корупцијата во играта е систематска.“
„Јас го водам најголемиот клуб во светот и не би можеле да замислите какви пофалби добивам. Но, 100.000 членови се зад мене и се многу среќни.“
„И не сум во кревет, болен. Морам да излезам и да седнам тука бидејќи како претседател на Реал Мадрид, не можам да им дозволам на новинарите да го прават она што го прават.“
Перез е на чело на Реал од јуни 2009 година, а претходно беше претседател помеѓу 2000 и 2006 година.