САД - ФРАНЦИЈА 87:82 (22:18, 22:21, 27:24, 16:19)
Од како пред 29 години беше дозволено американските професионални кошаркари од НБА да играат за нивната репрезентација, единствен пат кога не освоија злато беше Атина 2004 кога Аргентина направи сензација.
Американците имаат 16 злата од кошаркарскиот турнир на Олимписки Игри на кој играат уште од 1934-та година. Од тогаш до денес имаат 1 сребро и 2 бронзи. Од друга страна Франција која по две блескави победи против најголемиот ривал (во 2019-та ги елиминираа на Светско првенство, летово во Токио ги совладаа на стартот), не успеа кога беше најважно. Ова е трето олимписко сребро за Французите кои сите три пати губеа токму од САД во финале на Олимписки Игри (1948, 2000 и 2021)
На дуелот во „Саитама Супер Арена“, Франција во текот на целиот меч, од почеток до крај беше во игра, резултатски блиску, но нешто им недостигаше да направат пресврт.
Најголема предност Америка имаше во третиот период кога на семафорот стоеше +14 поени за САД, но „триколорите“ набрзо ја стопија таа негатива. Стигнаа и до -3 разлика но Дурент, Лилард и другарите брзо ги одбиваа сите приближувања.
Во самиот финиш имаше мала драма зошто Франција на десетина секунди до крајот пак стигна на само -3 поени разлика. Но печат стави Дурент кој рутински ги изведе слободните фрлања, па Америка се одбрани и заслужено стигна до олимписка титула.
Мечот за бронзениот медал меѓу Словенија и Австралија се игра од 13:00 часот.
🥇 GOLD 🥇#USABMNT defeats France, 87-82, and earns Olympic Gold in the #Tokyo2020 Men’s #Basketball Final!
— NBA (@NBA) August 7, 2021
🇺🇸 Durant: 29 PTS, 6 REB, 3 AST
🇺🇸 Tatum: 19 PTS, 7 REB, 3 3PM
🇫🇷 Gobert: 16 PTS, 8 REB pic.twitter.com/gAuz0uUtcf
Терминот на кошаркарското финале неочекувано беше преместен, па се играше во претпладневни часови во Јапонија по локално време, рано изутрина во 4:30 во поголем дел од Европа и во прајм-тајм за американскиот пазар.
Американците до голем триумф и 4-то рекордно злато по ред на кошаркарскиот турнир на Олимписки Игри ги водеше нивниот лидер Кевин Дурент (олимписки шампион во Лондон 2012 и Рио 2016), кој се израмни со Кармело Ентони по бројот на освоени олимписки злата и сега двајцата имаат дури по три.
Дурент, суперѕвездата на Бруклин Нетс кој пред неколку дена го продолжи договорот со оваа франшиза на нови 4 години за 200 милиони долари, го заврши финалето со 29 поени, 6 скока и 3 асистенции. Голема поддршка имаше од Џејсон Тејтум со 19 поени и 7 скока.
Демијен Лилард и Џру Холидеј додадоа по 11 поени.
Од друга страна кај Французите Иван Фурние и Руди Гобер постигнаа по 16 поени, а високиот центар имаше и 8 скока. Јабуселе уфрли 13 поени со 4 скока, а Нандо Де Коло 12 поени, 5 скока и 7 асистенции.