Кец у два

Мистеријата на стадионот Обилиќ на Врачар

На стадионот каде некогаш играше поранешниот „морален“ шампион на Србија Обилиќ (газда им беше Аркан), веќе неколку сезони се играат сомнителни натпревари поради кои кладилничарите со насмевка излегуваат од обложувалниците.

Српската фудбалска лига тамошните навивачи најчесто ја нарекуваат трамвај-лига поради тоа што речиси секоја сезона грото клубови доаѓаат од главниот град.
 
Црвена звезда, Партизан, ОФК Белград, Рад и Вождовац се стандардни прволигаши. Со оглед на дотраеноста и ужасната состојба пред распаѓање на стадионите на Рад и ОФК Белград, (буквално ги загрозуваат животите на посетителите) овие два тима најчесто ги пречекуваат Звезда и Партизан на стадионот на Обилиќ во белградската населба Врачар.
 
Од друга страна, Вождовац игра на стадион кој се наоѓа на кровот од еден модерен трговски центар, така што кога треба да играат против вечните ривали кои гостуваат со стотици па и илјадници навивачи, ги пречекуваат Звезда и Партизан исто на стадионот на Обилиќ. И тука нема ништо спорно, до моментот додека не ги видите резултатите од натпреварите.
 
Чудни работи се случуваат на тој стадион, како оваа така и во изминатите сезони. Ова игралиште во последните неколку сезони стана рај за обложувачите.

Само сезонава, Партизан и Звезда им гостуваа на Вождовац и Рад на овој ист стадион вкупно четири пати и секој пат натпреварите завршија кец во два или два во кец (на полувремето води едниот тим, на крајот слави другиот). За оние кои не држеле билтен во рака, на еден вложен денар може да заработите 35. Или на илјадарка, 35.000. Слатка пара за 90 минути фудбал.
 
Целата приказна започна со лудиот натпревар ОФК Белград - Црвена звезда кога домаќините водеа 2:0 на полувремето и буквално им ја криеа топката на фаворитите. Во второто полувреме, чудно како друга екипа да истрча на теренот, добија црвен картон и примија шест гола (2:6). За овој меч се интересираа и комисии на ФИФА и УЕФА, се крена голема врева во Србија, но на крајот беше утврдено дека сè било чисто (Балкански епилог на настаните).
 
 
Мистеријата продолжи со Партизан, чиишто навивачи кренаа глас дека на стадионот во улицата „Господар Вучиќ“ се случува нешто необично. Стигна 10. коло, Вождовац води против Партизан, а потоа крајно спорен пенал за Црно-белите, поништен гол на Вождовац, неизбежен црвен картон и конечни 1:2. Кец у два за мир во куќа.

Минатиот викенд нов кец у два, овојпат во режија на ОФК Белград. Партизан водеше 0:1, навивачите веќе запишаа нови три бода во пролетниот дел, но во вториот дел ОФК дава два гола и прави пресврт 2:1. Што ли се случило?
 
Претходните сезони „чуда“ на Врачар се случуваа редовно. Во 2014-та година Партизан го победи Вождовац 1:3 со голови во 92 и 94 минута (со пенал и црвен картон). Фудбалерите на Партизан подоцна го совладаа Рад 1:0 исто после пенал и сомнителен црвен картон.
 
Кулминацијата се случи кога Вождовац загуби од Рад 1:6 за кладилничарски мерак од 7+ (7 или повеќе голови, коефицент лудница). Шампиони во целата приказна се екипите на Рад и Црвена звезда кои во 2011-та година одиграа „Кец у два“ со резултат 1:2 и гол во ’93-та минута за Звезда.
 

Ако ова не ви е доволно да ве заинтригира мистеријата на стадионот Обилиќ на Врачар, тогаш треба да знаете и за митот кој вели дека под трибините се наоѓала костурница од 700 Германци убиени од Партизаните во 1944. година. Преку улицата од стадионот има и кафана под име „Кафана сомнителен морал“.
 
Мистериозните натпревари на Врачар:

19.7.2015 еден во два: ОФК Белград - Ц. Звезда 2:6 (2:0)
09.8.2015 еден во два: Вождовац - Ц. Звезда 2:3 (2:1)
27.9.2015 еден во два: Вождовац - Партизан 1:2 (1:0)
21.2.2015 два во еден: ОФК Белград - Партизан 2:1 (0:1)
23.9.2014 седум плус: Вождовац - Рад 1:6
10.8.2014 црвен картон и голови во 92 и 94 минута: Вождовац - Партизан 1:3
3.12.2014 црвен картон и пенал: Рад - Партизан 0:1
4.12.2011 еден во два: Рад - Ц. Звезда 1:2 (1:0).