Тренерот на Баерн Минхен, колабираше во петокот, на 23 октомври додека од страна го набљудувал тренингот на вториот тим на Баерн.
Тој паднал во несвест и на теренот пристигнал медицински тим со хеликоптер, по што итно бил пренесен во болница. Во Баерн Минхен владеела голема загриженост.
Главната причина за колабирањето е менингитис, кој се развил како компликација од претходна тешка вирусна инфекција. Спортскиот директор на клубот, Макс Еберл, официјално ја потврди оваа дијагноза по неговото отпуштање од болница.
Лекарите веднаш ги отфрлија сомнежите за срцев или мозочен удар.
„Открија за што станува збор, тоа е менингитис, кој го предизвика инцидентот минатиот петок“, изјави Еберл.

Инаку 40 годишниот Компани претходно имал вирус поради кој пропуштил дел од клупските обврски. Тој самиот признал дека не го слушал своето тело и продолжил да работи со висок интензитет, што довело до целосен колапс на организмот.
Покрај инфекцијата, се споменуваат и хронична исцрпеност, голем стрес, нередовна исхрана и прекумерно консумирање кофеин. При самиот пад, тој дополнително заработил и повреда на рамото.
По пет дена поминати под строг лекарски надзор во болница, Белгиецот е пуштен на домашно лекување. Тој се чувствува подобро, но неговото враќање во Баерн ќе биде одложено за неколку недели со цел целосно да закрепне преку одмор и соодветна терапија.
„Компани ќе го добие сето време што му е потребно, тоа отсекогаш сме го зборувале. Токму затоа, уште од самиот почеток зборувавме за период од неколку недели“, изјави Еберл.
На натпреварот против Магдебург, повторно го заменуваше неговиот помошник Арон Данкс. Баерн го доби дуелот од Купот со 6:1.