Серија од осум меча без победа во Бундеслига, испаѓање од Лига на шампиони (првпат во клупската историја не победија на ниту еден од првите четири меча во ЛШ), водеа 4-0 на полувреме со Шалке па на крај мечот заврши 4-4 и тотална безнадежност на терен е лицето на денешната Борусија.
Навивачите и новинарите го обвинуваат веќе отпуштениот Петер Бош, но кризата на резултати оди длабоко во процесите на клубот за кои е одговорно раководството: генералниот директор Ханс-Јоаким Ватцке и директорот Михаел Цорк.
Одлуки коишто ја приближија катастрофата:
Назначувањето на Петер Бош
Да разбудиш од сон некој навивач на Дортмунд и ќе слушнеш пцовки на адреса на Петер Бош (54). Криви за ужасните резултати секако се играчите но и без нив навивачите сложно би го колнеле Холанѓанецот.
Тие уште се сеќаваат и го сакаат Клоп кој ширеше позитивна енергија околу себе. Бош е негова спротивставеност - мрачен револуционер кој никој не го сака и кој ги критикува играчите после секој меч, параноик кој поставил висока ограда во кругот на тренинг базата за да ги држи во тајна тактичките вежби.
Но најмногу од се навивачите ги нервирала аморфноста на Бош за време на мечевите. Никакви емоции, никаков драјв - последните месеци Холанѓанецот тивко седеше на клупата на Борусија и губеше бодови.
По заминувањето на Тухел, прв кандидат за тренер на Дортмунд беше Лусијан Фавр а не Петер Бош. Швајцарецот не го потпишаа затоа што францускиот клуб Ница ја почна сезоната од квалификации за Лига на шампиони и не успеваше да му најде евентуална замена.
Во тој момент назначувањето на Бош одговарало на филозофијата на Борусија: млад тренер кој умее да работи со млади фудбалери (просечна возраст на Ајакс со него во финалето на Лига Европа беше 21 година) и тоа што игра офанзивно.
Ова последното му тргна од рака на Бош којшто играше многу отворено, го направи довчерашниот јуниор Кристијан Пулишиќ главна ѕвезда во тимот (прв е во Бундеслига по асистенции), а Украинецот Јармоленко во прв месец стана еден од најдобрите играчи во лигата по верзија на изданието Kicker. Дортмунд ја стартуваше сезоната со шест победи и една нерешена на седум меча.
Магарешки инает
Но брзо се појавиле две особености на Петер Бош за кој знаеле и во Ајакс:
- неговата екипа игра со многу висока одбрана;
- Бош - неверојатно тврдоглав холандски маж кој верува во својата филозофија на игра и никогаш од неа не се откажува.
Моделот на игра на Бош ефективно успеа против средните екипи од Бундеслига и му дозволи на Дортмунд да има фантастичен старт на сезоната. Како почнаа да доаѓаат сериозни противници - дојдоа и поразите. Прв противотров најде Тотенхем, два пати ги победи Германците од контранапади. Потоа Реал, а сега и Штутгарт знае како да ја порази Борусија.
Дортмунд играше со многу висок поставена одбрана и примаше чудовишно многу голови: четири од Реал, Хановер и Шалке, три од Лајпциг, по два од Ајнтрахт и Штутгарт. Денес Борусија е петта од позади по примени голови во Бундеслигата.
А такви проблеми Петер Бош имаше и во Ајакс кога тимот играше против малку посериозни противници од холандските екипи: руски Ростов ја растури екипата на Бос со четири гола во квалификациите за Лига на шампиони, искористувајќи ја високата поставеност на одбраната (на 35-40 метри од својот гол).
Интересно што еден од идолите на Бош е Пеп Гвардиола. Во тренерската професија тој се поистоветува со Шпанецот: „Тешко ми беше да проценам дали моите методи ќе проработат во Бундеслигата. Можно е Пеп Гвардиола да имал такви проблеми уште во својата прва година во Минхен“.
Разликата меѓу Пеп и Бош е огромна: првиот со време сфатил дека не сите методи ќе проработат во Бундеслига и ја сменил формацијата а вториот упорно стоел до своите замисли.
При отказот кој му го врачи на Бош, директорот Вацке одржал проштален говор кој не го одржал откако го избркаа Томас Тухел: „Ние и натаму го сметаме за одличен тренер и човек.“ Во споредба со Томас Тухел, Холанѓанецот Бош навистина бил одличен човек, но, за да ја тренираш Борусија треба нешто повеќе.
Уште еден важен момент на управата на Дортмунд е назначувањето на нов тренер. Уште една грешка би можела на Борусија да и нанесе сериозен удар: германскиот клуб после Бош го назначи Петер Штегер кој го остави Келн на последно место само три бода, така што за пола година во овој текст може да се појави нов пункт.
Оставката на главниот скаут
Пред неколку дена на официјалниот сајт на Арсенал се појави кратка вест - од Борусија Дортмунд доаѓа главниот скаут Свен Мислинтат. За луѓето што ги знаат состојбите во клубот тоа е голема загуба за германскиот клуб.
Мислинтат е неверојатно продуктивен скаут. Тој на Борусија и ги најде главните ѕвезди кога беа анонимуси и не вредеа многу пари: Гундоган (5,5 милиони евра), Хумелс (4,2 милиони евра), Обамејанг (13 милиони евра), Кагава (350.000 евра), Суботиќ (3,5 милиони евра), Левандовски (4,75 милиони евра) и Дембеле (15 милиони евра).
Следствено сите беа продадени за огромни суми или на клубот му донесоа трофеи. Сега Свен ќе бара млади таленти за Венгер (или неговиот наследник).
Своето заминување Мислинтат го објаснил поради конфликт со Тухел: „Јас никогаш не сум помислил за работа во други клубови. Но забраната да доаѓам на тренинзи и инструкции на младите беше заповед на поранешниот главен тренер која силно влијаеше на моето мислење. Претходно имав понуди но никогаш не мислев да заминам од клубот“.
За време на престојот на Тухел во Борусија меѓу него и скаутот Свен имало различни мислења за трансферот на Оливер Торес: Мислинтат ги водел преговорите за трансферот и бил готов да го потпише, но тренерот во последен момент се предомислил. По караницата Тухел му забранил на Мислинтат да доаѓа на тренинзи на првиот тим. Томас веќе пола година го нема во клубот но ниту доаѓањето на новиот тренер ниту поддршката на управата не го убедиле Свен да остане во Дортмунд.
За преминот во Арсенал Свен платил компензација од милион евра. Од една страна за премин на клупските работници ретко се плаќаат пари, а од друга страна милион евра за човек кој им донел стотици милиони и не е многу (договорот му истекувал во 2022).
Голем плус бил и што Свен отишол во Арсенал а не кај главните конкуренти. Тој десет години работи во Борусија а одбил да оди во Баерн кога овие активно се интересирале за него.
Во овој случај директорот Вацке ја презел целата вина врз себе: „Заминувањето на Свен е многу горчеливо за нас. Сметам дека е моја лична грешка што дозволив така да му се обраќаат. Целосно е моја вина“.
Вацке го стави Тухел тренер во 2015 и сфатил дека не е спремен за неговиот карактер: Тухел од клубот ги избркал и главниот тренер и главниот скаут.
Неверојатно многу повреди
Од почетокот на сезоната поминаа само три месеци а во клиниката на Дортмунд помош побарале 17 играчи: Шмелцер, Пишчек, Ројс, Гереиро, Пулишиќ, Ширле, Бартра, Роде, Дурм, Топрак, Обамејанг, Сократи, Вајгл, Шахин, Бурки, Филип, Кастро. Пишчек, Шахин и Гереиро се повредиле во репрезентацијата.
Марко Ројс три пати по ред се повредувал после фаули кога противничките играчи со сета сила го удирале во спротивната нога. И два пати тоа му се случило во средби за репрезентацијата.
Повредите сериозно влијаат и на играта: во 16 меча сезонава во составот играле 12 различни играчи. Дошол и 18-годишниот Дан-Аксел Загаду којшто немал ниту еден меч на возрасно ниво. Сложени проблеми има и во нападот: Ројс ја пропушти скоро цела полусезона, новиот Филип отсуствува неколку месеци а Ширле одигра се на се само четири меча есенва.
Адекватна реакција на управата немало: ниту го отпуштиле медицинскиот штаб ниту главата на лекарите. Ниту викнале профилен специјалист којшто може да гарантира процес на брзо заздравување: дијагностика на повредата, опоравок после повредата, распределба на физички побарувања од играчите.
Или како Милан на почетокот на ’2000-те да изградат најголем спортски дијагностички центар во Европа и да го минимизираат количеството на пворедени.