Во рубриката Махер и малер на колото, дечко од Скопје ни раскажа како со пресврт стигнал до 20.000 евра. Имавме и малер за 20.000 евра, потоа рекордер по добивка, но и махер кој отиде во минус. Но никогаш не сме чуле како жените играат во кладилница. Мирјана од Демир Капија која навива за Партизан, има желба, знаење и њух за кладење, а минатото коло маваше со дрва и камења по фудбалерите на Комо за кои ни рече: Нозете да им се сокршат, 88.000 ми избегаа за еден гол.
Од кога и зошто почнавте да се кладите?
Почнав да играм во кладилница од 2003-та година. Тогаш почина мајка ми и бев многу нервозна, депресивна и тоа ни беше прв смртен случај во фамилија. Плачев секој ден и едни пријатели ми викаа ај земи заиграј во кладилница. И така почнав, најдов утеха во спортот за да не мислам на смртта на мајка ми. Тогаш не гледав ТВ, не слушав музика и ете најдов занимација.
Колку кладилници има во Демир Капија?
Има две во моментов, прва беше Џокер, но таа не постои, таму почнав да играм. Сега двете што постојат се Барса и Плау ин.
Има ли многу жени што се кладат?
Не, нема многу, по некоја само. Претежно тие што играат се млади женски.
Играте повеќе на голови или фиксови?
Играм како ќе ми дојде на памет. Може да играм цело ливче со 3+ или дупла победа. Може и мешано ливче со фиксови. Обично играм на големи коефициенти и играм различно. На пример играм кец у два, два у кец. Понекогаш играм на многу утакмици, некогаш на четири, а понекогаш на сингл, но сингл играм само ако претходно фатам пари. Играм и во живо понекогаш, ете сопругот ми дофрли дека играм и во живо.
По колку уплаќате?
Кога има добри утакмици кои ми фаќаат око, ставам 100 денари на пет утакмици. Кога играм три утакмици може да ставам 500 или 1000 денари, но тоа е ретко. Инаку скоро секој ден уплаќам тикети со по 20 денари. Кога има Лига на Шампиони и купови тогаш не играм, бидејќи знам дека се намештаљки. Имам таков њух.
Правите ли анализа на натпреварите кои сакате да ги типувате?
Да да, правам. На пример Кадиз ако изгубил, следно коло знам дека ќе тепа. Пратам, слушам информации, повредени играчи дали има и секогаш гледам кој на кого колку му треба. Често ги фаќам кец во икс, а понекогаш икс во кец. Од полски куп фатив една утакмица нула во еден, ,но една ме зезна 3+. Во кладилница ми викаат дека имам осет. За Ноле им кажував на сите дека ќе загуби од Федерер и не ми веруваа. Многу ми лежат големите коефициенти. Скоро осетив Нант дека ќе даде гол отидов и ја уплатив во живо. Во Чешка еден во нула ги фаќам, Галатасарај кец у два ја фаќам, Викторија Плзен на пример исто игра така.
Што направивте минатото коло?
Фатив вкупно околу 3200-3300 денари на три тикети во рок од два дена. Играв втора лига Италија и Шпанија. На едното ливче ставив 50 денари, а на другите две по 20.
Најмахерско и најмалерско ливче?
Најмногу имам фатено 35.000, а инаку си фаќам често. Некни паднав само на Комо за 88.000. Ливчето го уплатив за 20 денари, Комо ја чекам 3+ а таа заврши 0:2. Викам нозете да си ги сокршите, еден гол ми фалеше. Прво полувреме беше 0:2 и така остана. Скоро фатив 10.500, Севиља ја играв дупла победа. Пуштам телетекс и гледам 80 минута стои 2:0. Сопругот гледаше нешто на телевизија и му викам ај пак пушти телетекс, гледам 85 минута уште 2:0. Трет пат му викам ај пак пушти и пак 2:0 беше и таман да изгаси светна 3:0. Четири утакмици фатив дупла победа. Секогаш кога чекам пари, последната утакмица ми е од шпанска лига. Тоа некако ми е среќа. Инаку тоа со Комо не ми е најмалерско, имам паднато и на 100.000 и на 200.000 за една утакмица. Исто така имам бркано и 16 утакмици на еден тикет.
Колку добитни ливчиња имате до сега?
Не знам. Некој месец ми се случува да добијам и цел месец да играм со добиените пари. Но се случува 2-3 месеца и да не добијам. Ако една недела не фатам, потоа една недела не играм, имам свое јас. Најмногу добивам во Скопје кога одам во Златна Копачка. На зет ми му викам: Сакаш да ти го продадам тикетот за помалце пари?
Како се фаќа најлесно?
На сингл, да имаш пари и да играш на сингл. Една до две утакмици. Да имаш њух треба. Модена на пример имаше богат газда и викам, а сега ќе одат напред и ги пратам. Играм и хокеј, а најмногу на шведски хокеј погодувам. Имам внук и брат во Шведска и по нешто ми кажуваат. Ги прашувам за екипите, плус внукот кога играше хокеј по нешто ми поткажување. Играм и тенис понекогаш, а исто и НБА.
Што мислите се мести ли многу во фудбалот?
Да, се мести. Еден у два на пример, а тоа го прават Турците, потоа во Бразил, Аргентина, Мексико. Италијаните може не местат ама ја продаваат утакмицата. И Англичаните исто така. Не може Арсенал, Манчестер Сити, Челси толку да губат.
За кого навивате?
Партизановец сум, а сопругот за Црвена Ѕвезда ми е. Мене духовно ме исполнува фудбалот, а другите ми се емотивни работи, на пример филмовите ми се многу емотивни. Фудбалот го менувам со било каков филм.
Ни вети дека ќе ни прати и тикет кој ќе го уплати овој викенд.