Колачот кој го делат сите 32 екипи кои ќе се квалификуваат во ова натпреварување е голем, па така сумата која ја поделија лани од севкупните приходи во ова натпреварување изнесуваше 904 милиони евра.
Со оглед на тоа што предвидените пари од тв правата за учесниците во Лигата на шампионите се делат штом обезбедат пласман во групната фаза, англиските гиганти би останале покуси само со премиите кои се плаќаат за следниот круг.
Доколку на пример Челси го мине Галатасарај и се квалификува во четврт и полуфинале одделно за двете достигнувања ќе добие 3,9 и 4,9 милиони евра. Во случај да стане шампион ќе заработи дополнителна премија од 10,5 милиони евра, а доколку заврши втор ќе ќари 6,5 милиони евра.
Она што е поважно за екипите од Премиер лигата е што и во случај на елиминацијата на сите претставници во најквалитетното европско натпреварување нема да им биде загрозено четвртото место во лигата кое им носи квалификации во ова натпреварување.
Според рангот на УЕФА, Премиер лигата е на втората позиција со 2.536 поени повеќе од Бундес лигата, а што е уште поважно разликата со четврто пласираната Серија А од каде учествуваат само три екипи за Лигата на шампиони изнесува високи 17.953 поени.
Најлошото сценарио за Англичаните кое речиси е невозможно е сите пет екипи од Премиер лигата вклучувајќи го и Тотенхем во Лига Европа да бидат елиминирани на меѓународните натпреварувања овој месец.
Потоа Милан да стигне до титула во Лигата на шампионите, а во Лигата на Европа да видиме италијанско финале. Математиките покажуваат дека во тој случај разликата на ранг листата на УЕФА помеѓу Премиер лигата и Серија А ќе падне на 8.653.
И да се случи ова, Италијанците нема да им го одмезат второто место на Англичаните. Вакво сценарио треба да се повтори и во наредните две години за да се случи малку веројатниот пресврт.