Љубител на вино, филозоф, криминолог и пионир на форензичката наука, државен првак во влечење јаже (тогаш Олимписки спорт) и прв стрелец за Холандија на домашен терен. Човекот кој бил претседател, тренер и играч на Баерн Минхен во исто време - тешко е да се разбере од каде да се почне со Вилем Хеселинк ака Топот.
Меѓународниот успех на Холандија дојде прилично подоцна од нивните европски соседи. По скромното влијание кое го имале на СП 1934 и 1938, требаше да поминат 36 години пред Кројф и компанија да ги вратат „Лалињата“ на светскиот врв. Претходно Западна Германија, Австрија, Унгарија, Англија, Португалија, Италија, Чехословачка, Франција и Шведска обично стигнуваа до завршниците.
Во градот Арнем, околу 60 километри југо-источно од Амстердам, младиот Вилем Хеселинк не бил имун на новата треска на стариот континент. Во 1890-та, кога имал 12 години, бил дел од друштвото кое сакало да оформи спортски клуб во градот и две години подоцна станува еден од основачите на Витесе Арнем. Витесе во францускиот јазик означува брзина. Крикетот бил прв избор но фудбалот набрзо го зел приматот и Хеселинк станал ѕвезда на тимот, но не поради претераниот талент.
Во 1890-те, прво со Витезе и потоа со Ден Хаг кога се преселил во Лајден да студира хемија, Хеселинк се прославил со разорниот топовски шут. Белешките од официјалната историја на Витезе забележале дека голманите ризикувале да се „здобијат со скршеница по ударите кои морале да му ги бранат на Хеселинк“. Оттаму прекарот Het Kanon (Топот).
Освојувал медали на регионалните првенства, но успехот на Хеселинк не бил поврзан само со фудбалскиот терен. Тој го поставил и холандскиот рекорд во скок во далечина кој датирал од 19100-та година и со неколку соиграчи од Витезе станал државен првак во влечење со јаже (во тоа време Олимписки спорт).
Во 1902. година, Хеселинк бил спремен за нови предизвици и се преселил во Баварија. Тогаш веќе 24-годишен, Холанѓанецот ги продолжил студиите на Лудвиг Максимилијанс Универзитетот во Минхен и барал околу клуб каде би играл. Во близина имало 2 години стар клуб кој имал потреба од лидерство.
Баерн Минхен растел преку гимнастичкиот клуб МТВ 1879, а 11 фудбалери го напуштиле клубот во 1900-та откако ги одбиле да се приклучат во Јужната германска лига.
Хеселинк станал првата интернационална ѕвезда на Баерн. Следуваа многу, Елбер, Лаудруп, Роберт Левандовски и други, но Холанѓанецот бил првиот. Клубот се натпреварувал на градско ниво, но успесите го зголемиле интересот на децата кои тренирале во Баерн.
Во 1903-та, Франц Џон, претседателот кој се бунел против гимнастичкиот клуб го напуштил Баерн Минхен, а на негово место дошол човекот од Арнем со симпатичната сина капа. Фер е да се признае дека претседателската функција тогаш не била моќна како денес, но Хеселинк останува еден од двајцата (со Бекенбауер) кој во клубот држел три функции оддеднаш. Во негово време, Баерн освоил три титули по ред во првенстата во кои учествувале тимови од Нирнберг до Аугзбург.
Можеби и најважното, клубот се фузирал со Минхенер Спорт Клуб што резултирало со промена на бојата на дресовите во црвена. Во мај 1905-та, Хеселинк дебитирал за Холандија на вториот официјален меч на оваа земја и прв на домашен терен. Топот го отворил резултатот во триумфот против Белгија од 4-0 пред 30.000 луѓе во Ротердам.
Во 1904-та ја одбранил докторската дисертација на тема вината во регионот Дуро, а подоцна докторирал и на филозофија. Во неговото портфолио има уште и дипломски трудови на тема хемија и форензичка наука. Година дена подоцна се оженил со Берта Гитлер во Франкфурт.
На крајот, во јануари 1906-та година, Хеселинк го напушта Минхен и заминува од клубот кој го воздигнал на високо ниво и му го врачува на Курт Милер. По враќањето во Холандија, основа форензичка лабораторија и ја збогатува својата репутација како лидер во анализите на крв и отисоци на прсти во криминалните случаеви.
Продолжил и со фудбалот во Витезе Арнем каде станал и тренер. Починал во декевмри 1973-та година, кога неговото име останува забележано со златни букви во европската фудбалска историја.