Ако во изминатите 10 години, Јувентус, Милан и Интер важеа за клубови кои трошат најмногу пари за нови фудбалери, летово локомотивата ја превземаа Рома и Лацио.
На еден месец до затворањето на летниот преоден рок, ефектот од финансиската криза се' уште се чувствува во Италија, каде за нови играчи клубовите одвоија "само" 231 милион евра.
Рома со 40 и Лацио со 27 милиони евра заедно потрошиле околу 30 % од целосната сума на пари, дадени за засилувања на екипите. Додека пазарот на Интер и Милан зависи исклучително од продажбата на своите најдобри играчи, спортскиот директор на Јувентус, Бепе Марота некако не се снајде најдобро на тоа поле.
Боите на Лацио во новата сезона ќе ги бранат Стефан Де Вриј (Феенорд, 8,5 милиони евра), Пароло (Парма, 5,5 милиони евра), како и Кандрева за чиј договор од Удинезе, Лацио плати 13 милиони евра, а како дел од трансферот на Олимпико се пресели и Душан Баста.
Како слободен играч небеско - сините го доведеа напаѓачот Филип Џорџевиќ, кој дојде од Нант.
Шампион на преодниот рок за сигурно е Валтер Сабатини, спортскиот директор на Рома. Тој успеа во екипата да ги задржи Пјаниќ, Бенатиа и Стротман, играчи за кои имаше богати понуди, а во меѓувреме ги доведе Итурбе (28,5 милиони евра од Верона), Астори (5 милиони, позајмица од Каљари) и Салих Учан, позајмен од Фенер за 4 милиони евра.
Слободни агенти кои дојдоа во Рома летово се Ешли Кол (Манчестер Јунајтед), Сејду Кеита (Валенсија) и Урби Емануелсон (Милан).
Јувентус одвои високи 22 милиони евра за центарфорот на Реал Мадрид, Мората, кој во Јувентус доаѓа да му биде партнер на Фернандо Љоренте.
Интер за сега не троши како во ерата на Морати, па така новиот сопственик Ерик Тохир до сега на Мацари му ги донесе Мвила (Рубин), Видиќ (Јунајтед), Додо (Рома) и Освалдо (Саутемптон).
Милан играше на картата што помалку да потроши, па така на Сан Сиро до сега како слободни играчи дојдоа Алекс и Менез (ПСЖ).
Останува уште еден месец, во кој се очекува Милан, Јуве и Интер да направат некој бум на трансфер пазарот.
Клубовите во Серија А имаат далеку помалку моќ во однос на конкурентите од останатите силни лиги од Европа. Таму за сега на прво место во трошење пари е Премиер лигата каде за трансфери се потрошиле 613, 87 милиони евра, а во шпанската Примера, пак, досегашниот трошок за купување фудбалери изнесува 400 милиони евра, каде стандардно доминантни се Реал Мадрид и Барселона.