Во пресрет на Копа Америка

САД ќе бидат домаќин на јубилејната Копа Америка Сентенарио која годинава слави 100 години од одигрувањето на првиот таков турнир на кој се појавуваат сите најголеми ѕвезди од овој дел на светот.

Бранител на титулата е Чиле кој минатото лето во финале ја совлада Аргентина на пенали 4-1 откако после продолженијата беше 0:0. На Копа Америка ќе настапат 16 најдобри репрезентации кои низ 32 средби ќе се обидат да стигнат до трофејот. Турнирот ќе трае од 3. до 26. јуни.
 
Група А: САД, Колумбија, Костарика, Парагвај.
Група Б: Бразил, Еквадор, Хаити, Перу.
Група Ц: Мексико, Уругвај, Јамајка, Венецуела.
Група Д: Аргентина, Чиле, Панама, Боливија.
 
Копа Амерка ќе ја отворат САД - Колумбија во Санта Клара каде што неодамна се одигра 50. Супербоул, финалниот дуел на американскиот фудбал. Сигурно дерби на првото коло, а можеби и на целата прва рунда ќе биде Аргентина - Чиле кои на 6. јуни ќе играат исто во Санта Клара. Копа Америка Сентенарио ќе биде поинаков од сите претходни и поради тоа што на него за првпат ќе учествуваат дури шест репрезентации од Северна и Средна Америка. Покрај домаќинот САД и Мекиско, ќе се појават и солидната Костарика, но и Јамајка, Панама и Хаити.
 
Во четвртфиналето (16-18 јуни) ќе одат по две најдобри селекции од секоја група, полуфиналињата се на програмата на 21. и 22. јуни а мечот за трофејот ќе се игра на 26. јуни во Ист Радерфорд крај Њујорк.

Сите натпревари ќе почнуваат во термините од 17 до 22 часот по локално, односо од 23 до 04 наутро по средно-европско време. Гледачите во Орландо, Чикаго и Бостон во групната фаза најрано ќе гледаат фудбал, а во нокаут фазата ниту еден дуел нема да почне пред 1 часот после полноќ по наше време.
 
Што велат прогнозите?
 
Според ранг листата на ФИФА, главни фаворити за освојување на Копа Америка Сентенарио се Аргентина, Чиле, Колумбија и Бразил.
 
 
ЧИЛЕ: За разлика од лани кога ја организираа Копа Америка, Фудбалската федерација на Чиле го смени селекторот и намсто Хорхе Самаполи дојде Аргентинецот Хуан Антонио Пици (екс Валенсија).
 
Санчез, Видал, Медел и другите ќе имаат тешка задача уште на стартот затоа што се среќаваат со Аргентина. Меси и соиграчите ќе сакаат да се одмаздат за поразот на стадионот Сантијаго де Чиле лани.
 
АРГЕНТИНА: Гаучосите и овојпат имаат највисока цел, во склад со нивните амбиции и желби. Кога покрај Меси ќе ги видиме уште и Игуаин, Ди Марија, Маскерано и Банега со право гледаме зошто се фаворити за злато.
 
Во претходните четири изданија на Копа Америка, Аргентина дури три пати играше во финалето, но ниту еднаш не освои. Меси и Игуаин имаа неверојатни сезони, така што ако играат како што играа во клубовите, тешко дека некој ќе ги запре.
 
БРАЗИЛ: По успехот во 2007. година, Бразилците многу одамна не направиле поголем успех. Лани во Чиле во четвртфиналето испаднаа од Парагвај, а сега зад нив стои и товарот од неуспехот на Мундијалот во нивната земја.

Дунга се врати на клупата и смени многу нешта во играта, тоа донесе резултат на пријателски и ревијални средби, но во квалификациите за Светското 2018 во Русија, Кариоките освоија само 2 од можни 6 бода. Нејмар нема да игра (Барса му наложила да бира или Олимпијада или Копа Америка, не и двете). Во нападот на Бразил ќе игра ветеранот Рикардо Оливеира.
 
КОЛУМБИЈА: Селекција која редовно знае да им ги замрси сметките на великаните. Ќе бидат фаворит од сенка во САД. Во моментов се четвртопласирана селекција на ранг листата на ФИФА. За нив е најважно што и покрај најавите за смена, селекторот Хозе Пекерман остана на клупата.

Многумина сметаат дека оваа генерација на Колумбија е кадра да го повтори неверојатниот успех од 2001. година на нивните постари колега кога за првпат оваа земја ја освои Копа Америка.

Хамез Родригез, Карлос Бака, Муриел, Квадрадо, Запата и Оспина се најпознати колумбиски фудбалери.

УРУГВАЈ: Повредата на Луис Суарез на финалето на шпанскиот Куп дополнително го оддалечи Уругвај од борба за тронот. Со 15 титули Уругвајците се најтрофејна селекција во историјата на Копа Америка (Аргентина има 14, Бразил 8).

Лани во Чиле испаднаа во четвртфиналето. Селекторот Оскар Табарез веќе 10 години седи на клупата на оваа селекција. Во случај да бидат први во група со Мексико, Венецуела и Јамајка, „Чаруасите" ќе ја избегнат Аргентина во четвртопласирана.