Во Љубљана вечер се игра интересен меч, Казахстан може на прво историско Европско

Квалификациите за Евро 2024 полека стигнуваат до самиот крај. Како што македонската фудбалска селекција пред три години го оствари сонот наречен Европско првенство, така сега сонуваат две селекции кои за првпат во историјата би можеле сензационално да се пласираат. Нормално, ако направат чудо.

Дваесетти ноември би можел да биде историски ден за Молдавија и Казахстан. Првите играат на гости со Чешка во Оломуц во директен дуел за пласман на Европско. Вторите со Словенија на гости во Љубљана.

Молдавците кои до пред неколку месеци важеа за селекција врз која се поправа гол-разлика, сега се во опасен налет. Оние кои будно ги следеа квалификациите, знаат дека Молдавија прво со 3:2 ја совлада Полска после сензационален пресврт од 0-2, за да и во Варшава одигра 1:1 и освои огромен бод.

Молдавија пред неколку дена со бод од мечот со Албанија (1-1) освоен во 87’ минута дојде до историска шанса во последното коло.

Полска веќе испадна од трката за Европско затоа што претрпе три порази. Молдавија иако е четврта со 10 бода, има меч помалку и тоа оној историскиот, вечерва против Чешка која има 12 бода и која со победа и нерешено оди на Евро2024.

На Молдавците им игра само триумф.

Standings provided by Sofascore

КАЗАХСТАН ПРЕД ВРАТИТЕ ОД РАЈОТ

Во исто време од 20:45 во Љубљана Словенија ќе го пречека Казахстан. Во овој дуел од групата Х, Словенците влегуваат како втори со 19 бода, а Казахстан како трет со 18 бода.

Казахстан е земја дури 134 пати поголема од Словенија со 20 милиони жители (Словенија има околу 2,2 милиони жители). Мечот во Љубљана во Казахстан ќе се следи во 1:45 часот после полноќ со оглед на огромната разлика во временските зони.

Казахстанците направија неверојатен резултат со дури 6 победи во квалификациите во кои ја совладаа и силната Данска. Имаа сè во свои раце и сами ја упропастија големата шанса кога изгубија дома 0-1 од Финска а Словенија ги победи во Астана со 1-2. Казахтанците потоа се реваншираа во Хелсински со триумф после пресврт.

„Словенија - Казахстан е најголем натпревар во историјата на нашиот фудбал. Судбината Европско првенство се решава на него. Казахстан заслужи пласман со добрите игри во текот на целите квалификации. Тешко е да се предвиди што ќе се случи на еден таков меч. Многу ќе зависи и од тоа кој прв ќе постигне гол. Со цела своја душа се надевам дека Казахстан ќе успее да се пласира на Европско 2024“, вели Булат Есмагамбетов, некогашен репрезентативец на оваа република која последна се одвои од Советскиот сојуз.

Standings provided by Sofascore

Словенците најмногу очекуваат од расниот стрелец, невообичаено високиот центарфор Бенјамин Шешко од РБ Лајпциг и од капитенот, голманот Јан Облак од Атлетико Мадрид.

Од друга страна најважниот играч на Казахстан Бахјтиор Зајнутдинов од Бешикташ не допатувал во Љубљана поради повреда.

Интересно дури 21 од 26 играчи на списокот на селекторот на Казахстан Махомед Адијев доаѓаат од домашното првенство. Најмногу репрезентативци има тамошниот најтрофеен клуб Астана, а актуелниот шампион Ордабаси дал тројца репрезентативци колку што има уште и од клубовите Актобе и Тобол.

Имаат тројца репрезентативци во рускат алига, еден во Србија а Рамаз Оразов игра за словенечки Копер и добро го познава словенечкиот фудбал.

На 23. март Казахстан на првиот меч со Словенија прв поведе со голот на Самородов во 23’ минута но Словенците во вториот дел направија целосен пресврт и славеа 1-2 со головите на Давид Брекало во 48-ма минута и Жан Випотник во 78-ма.

20 ноември 2023 - 15:38