Во Косово фудбалерите во 90-те се замивале во река

Во периодот кога ние ја пишувавме историјата во Крањ со Панчев, Чоко и цела таа банда, нашите соседи уште абер немале од репрезентативен фудбал, а прволигашкиот им бил бетер од селски. Но ете сме сега и тие и ние со шанси за историја, за која се потребни уште 180 минути.

Инспирирани од нивниот брз фудбалски скок веднаш по официјалното појавување на европската и светска фудбалска мапа, БиБиСи лани објави опширна сторија за подемот на косовскиот фудбал.

Главен протагонист е Фадел Вокри, легендарен фудбалер со меѓународна кариера на кој му ги препишуваат сите заслуги што Косово денеска стигна до тоа ниво да се бори за пласман на Европско и што воопшто е дел од ФИФА и УЕФА.

Тој е клучен во кампањата која ја водел за Косово да влезе во двете највисоки фудбалски тела и херој на земјата. По неговата смрт на 9 јуни 2018 кога починал на 57 години од срцев удар, стадионот во Приштина на кој игра репрезентацијата го крстиле Фадил Вокри во негова чест.

Тој е првиот и единствен косовски фудбалер кој заиграл за Југославија, а дебитирал на мечот против Шкотска 6:1 на кој дал и гол. Има 12 настапи и 6 гола во периодот меѓу 1984-та и 1987-ма.

Кариерата ја почнал на 16 години во Лиапи, клуб од неговата родна Подујева, а потоа настапувал за Приштина, три години во втора, па три во првата југословенска лига за која постигнал 55 гола. Од 86-та до 89-та бил член на Партизан, период за кој велеше дека му бил најубав.

Во меѓувреме до него стигнала понуда и од Јувентус, но бил принуден да ги одбие затоа што немал завршено војска, задолжителна обврска во тоа време поради која немало одење во странство. Должноста ја завршил додека бил член на Партизан.

Една година пред распадот на Југославија, Вокри одлучил да замине во Франција, па Турција каде настапувал за Нимес и Фенербахче. Вокри си заминал од Косово и за време на војната 1999-та, но овој пат фамилијарно со трите деца.

Пет години откако се вратил во својата татковина го назначиле за претседател на Фудбалската федерација на Косово, а тоа било на 16 февруари 2008-ма. Следниот ден Косово ја прогласи својата независност како држава.

Како и многу луѓе од Косово, така и тој бил обележан со војната што беснееше пред 20 години. Но и покрај тензиите меѓу Албанците и Србите кои постојат и денес, Вокри бил еден од ретките и можеби единствениот во можност да комуницира преку длабоките поделби платени со животи. Фудбалот беше неговиот јазик.

Кога станал претседател на федерацијата тој почнал од нула, а седиштето било составено од две соби сместени во стан, две бироа и два компјутери. Раководел институција без пари и репрезентација која немаше право да игра официјални натпревари, во изолирана нација со мала инфраструктура.

Она што го имаше беше неговата репутација. Беше најголем фудбалер што го произведе Косово, исто така и шармантен, харизматичен и убедлив.

„Кога разговаравме дома во тоа време, татко ми мислеше дека на почеток процесот ќе биде лесен и брз. Но потоа сфати и не му пречеше. Сега сме признаени како земја“, вели неговиот најстар син, 33 годишниот Грамоз.

 

„Никогаш во животот не даваше политички изјави и се фокусираше само на фудбалот. Неговата визија беше дека фудбалот е повисок од сè друго. Тоа му овозможи да помогне во остварувањето на нашата цел, влезот во ФИФА и УЕФА.

Во 2016-та, се исплатеа сите напори на Вокри и неговиот прв помошник Ерол Салиху како генерален секретар. Косово беше примено со полноправно членство најпрво во УЕФА, а потоа во ФИФА.

„Целата земја запре. Тоа беше најголемата работа што се случи во Косово. Луѓето почнаа да палат огномет и сите излегоа по улици. Тоа беше како да освоивме Светско првенство.

На гласањето на УЕФА, 28 гласа биле за, 24 против, плус две неважечки ливчиња. Претседателот на Фудбалската федерација на Србија, Томислав Караџиќ изјавил дека резултатот ќе создаде немир во регионот и ја оспорил пресудата пред Арбитражниот суд за спорт. Но одлуката на УЕФА била потврдена.

Голема прашина во јавноста потоа се крена околу тоа како ќе изгледа составот на Косово, особено затоа што многу звучни имиња кои играат во познати клубови потекнуваат од оваа земја. Најпознати меѓу нив се Џердан Шаќири и Гранит Џака од Премиер лигата кои одбраа да играат за Швајцарија.

Пет часа пред стартот на нивниот прв официјален натпревар откако се членки на ФИФА и УЕФА, се чекаше дозвола за настап на шест играчи, вклучувајќи еден од најперспективните, а тоа е Валон Бериша кој веќе имаше 19 настапи за Норвешка. Фудбалерот од среден ред има шест годишен стаж во Салцбург, потоа направи трансфер во Лацио, а сега е член на Реимс.

Но Бериша доби дозвола, а тоа му се посреќи на Косово затоа што на нивниот деби квалификациски меч за СП 2018, одигран на 5 септември 2016-та, тој го постигна голот за изненадувачки 1:1 против Финска на домашен терен. Охрабрувачки почеток и огромен емотивен момент за играчите, навивачите и земјата.

Но на следната пресметка загубија 6:0 од Хрватска и бодот против Финска им беше единствен позитивен резултат во групата каде завршија последни со девет порази по ред.

Сега сликата за Косово е поинаква, а тоа го докажаа со резултати. Имаат солиден тим со интернационалци меѓу кои напаѓачот Ведат Муричи кој летово направи трансфер од Фенербахче во Лацио, вреден 18 милиони евра, а во 2018-та за селектор го назначија Швајцарецот Бернард Шаланд.

Во Лига на нации ја освоија групата без пораз против Азербејџан, Фарски Острови и Малта и се изборија за полуфинале, а за влакно не направија сензација на редовните квалификации каде завршија трети после Англија и Чешка, а пред Бугарија и Црна Гора. Во последното коло имаа директен дуел со Чешка каде водеа, но загубија со пресврт.

Кога Вокри лани во јуни почина, неговиот погреб во Приштина беше организиран со државна церемонија.

„Неколку српски официјални лица дојдоа на неговиот погреб, меѓу кои и поранешниот претседател на нивната фудбалска федерација, Томислав Караџиќ. Ретки се таквите посети. Потоа добив покана за посета од Партизан, заминав во Белград и добив голема почит. Не им беше гајле дали сум Албанец, туку ми рекоа дека сум дел од нивното семејство поради татко ми. Затоа мислам дека особено овде во овој случај меѓу Косово и Србија, треба да ги користиме спортот и фудбалот за да ги унапредиме односите меѓу земјите“, вели синот на Вокри.

Тој е можеби како неговиот татко по тоа што сака да сонува, затоа што фудбалот може да направи многу моќни работи кои во Косово веќе се случија.

Виа

8 октомври 2020 - 16:26