Како што беше предвидено, Ајакс на 28 април во недела требаше да игра првенствен дуел со Де Графшап, а потоа веднаш после мечот да патува за Лондон каде на 30 април ги чека историски дуел со Тотенхем.
Но луѓето од KNVB (Кралската фудбалска федерација на Холандија) му излегле во пресрет на Ајакс за општо добро на фудбалот во целина во земјата.
„Не само Ајакс, туку целиот холандски фудбал има корист од ова“, рекле од федерацијата.
Другите клубови не биле баш најсрежни со одлуката ова „пред Тотенхем“ коло да се игра во среда на 15 мај. Во меѓувреме зелено светло дале и локалните власти и полицијата. Ајакс освен во полуфинале на ЛШ, треба да игра и во финалето на холандскиот Куп а се бори и со ПСВ Ајндховен за шампионската титула во Ередивизија.
Во Холандија има несекојдневна пракса, клубовите кои играат во еврокупови (најчесто Ајакс, ПСВ и Феенорд) да одвојуваат процент од заработката од УЕФА за холандските прволигаши. Во ситуација кога лигата кубури со спонзори и пари, секоја помош е добредојдена.
Од сојузот сметаат дека ако не се одложело колото, со тоа ќе му дале предност на премиерлигашот во дуелот со Ајакс.
„Свесни сме дека не е можно секој да биде задоволен, но отстапка мора да се направи. Никој не е во целост задоволен. Што е навистина убаво, причината зошто ваквата одлука беше неопходна е што Ајакс е во полуфинале на Лига на шампиони“, рекол Ерик Гуде, директор на професионалниот фудбал и додал:
„Ајакс игра за титулата а Де Графшап е во опасната зона за испаѓање. Ова му дава можеби повеќе време за подготовка на Де Графшап за можеби нивниот решавачки меч за опстанок, повеќе од останатите кандидати за опстанок“.
На прашањето зошто не го поместиле мечот за 26 или 27 април, Гуде рекол дека не било можно затоа што тогаш е државната прослава на Денот на Кралот во Амстердам кој е најголем празник во градот и дека такво нешто би довело до нерешливи проблеми.
Во моментов, после 30 одиграни кола, Ајакс и ПСВ Ајндховен имаат по 74 бода со тоа што клубот од Амстердам е прв поради подобрата гол разлика. До крајот има уште 4 кола.
Од друга страна, Тотенхем во сабота на 27 април од 13 часот ќе игра против Вест Хем, тој меч не е одложен и ќе се игра регуларно. Останува прашање дали Премиер лигата ќе му го одложи мечот на Тотенхем против Борнмут на 6 мај во понеделник, на само два дена пред реваншот со Ајакс во Амстердам.