Во чест на Адеми, Динамо Загреб го повлекува бројот 5

Хрватскиот фудбалски шампион Динамо Загреб и неговите навивачи му заблагодарија на македонскиот репрезентативец на разни начини на кои не бил испочитуван ниту еден досегашен играч на клубот.

Динамо Загреб во средата вечер одлучил да го повлече од употреба дресот со бројот 5 се додека доскорешниот капитен и најтрофеен играч во историјата на клубот Аријан Адеми не ја заврши кариерата.

Ова е само уште еден начин на кој клубот сака да му се заблагодари на Адеми (31) за се што направи за „модрите“. Аријан за 13 години во клубот од Максимир стана најтрофеен играч со еден куп пехари, стана играч со најмногу настапи, човек кој го предводеше загрепскиот гигант на евросцена и до победи над големи екипи како Челси, Тотенхем и други.

Адеми договори трансфер во кинескиот клуб Пекинг каде би требало да доигра до крајот на својата кариера, а за потоа од Динамо му понудија висока функција како раководител во управата.

„Гледајќи ја историјата на Динамо и кои се легенди играа за нашиот клуб и притоа оставија голем белег, ГНК Динамо реши дека нема да повлече ниту еден број од почит кон сите великани кои настапувале за нашиот клуб. Сепак клубот истовремено донесе одлука бројот пет да биде повлечен од употреба во сината соблекувална се додека Аријан Адеми не одлучи да прекине активно да се занимава со фудбал, односно додека не ја заврши својата играчка кариера. До тој момент Динамовиот број 5 ќе биде исклучително резервиран само за него“, сто во соопштението на Динамо Загреб.

30 март 2023 - 11:22