
Фудбалската федерација на Македонија апелира навивачите кои ќе одат на стадион на утрешниот меч против Украина да се тестираат во текот на денешниот ден, со цел да ја избегнат големата гужва која се очекува утре.
„Апелираме до сите навивачи и поддржувачи на македонската репрезентација кои имаат влезница за утрешниот натпревар со Украина на Националната арена во Букурешт, доколку се во можност, денеска да обезбедат алка за негативен Ковид-19 тест (задолжителна за влез на стадионот), од причина што организаторите на натпреварот очекуваат голем број навивачи на двете репрезентации да пристигнат во Букурешт во текот на утрешниот ден“.
Натпреварот се игра во 15 часот, што значи на денот на натпреварот ќе им биде скусено времето.
Инаку Украина и Романија се соседни земји, па организаторот очекува наплив на украински навивачи, а во второто коло ќе порасне и бројката на Македонци во Букурешт.