ВАР не успеа да избрише еден од основните аспекти во фудбалската дебата (особено италијанската), а тоа е дискусијата за судиските одлуки.
Со други зборови ниту оваа технологија во која многумина веруваа, не успеа да ги стандардизира и објективно да ги фиксира посакуваните факти што често ги решаваат натпреварите.
Проблемот главно е поврзан во различните толкувања на спорните ситуации кои и по воведувањето на ВАР на големo се дискутираат во емисии и пишуваат во весници. Пример: Ако тој фаул бил санкциониран како пенал, зошто на овој му се прегледа низ прсти и се поништи со ВАР?
Карло Анчелоти јасно се изрази за оваа проблематика.
„Јас бев наклонет кон ВАР, но сега имам некои сомнежи и многу сум загрижен. Во Премиер лига не се досудија сите овие пенали кои се судат во Италија. Клучен проблем е играњето со рака во кој има премногу интерпретација“.
Во италијанскиот шампионат сезонава е забележан наплив на удари од белата точка и досудени се 177 пенали на до сега одиграни 360 натпревари или во просек скоро 5 пенали во едно коло, а тоа е рекорд.
Многу од нив всушност произлегуваат од игра со рака која без помош на ВАР тешко се забележува.
ВАР се роди со цел да се утврдат одлуките кои претходно беа премногу врзани за лично толкување. Но Серија А и натаму го има истиот проблем, а тоа е интерпретацијата на тоа, кое играње со рака е пенал.
Плус нов проблем е тоа што не се вика ВАР за некои спорни ситуации кои потоа оставаат прашалници дали биле правилно досудени.