ДАРКО ПАНЧЕВ
Во Интер стигна како ’кобра’, а замина како ’гуштер’. Во 1991 година Македонецот ја одведе Црвена Звезда до епски триумф во Купот на Шампиони (денес ЛШ) и до Интерконтиненталниот Куп. Таа сезона Панчев постигна 34 гола којшто му ја донесоа ’Златната копачка’ на Европа и второто место во изборот за ’Златна Топка’.
Интер го платил 14 милијарди лири (околу 7 милиони фунти), но се испостави дека трансферот беше чиста утка.
Дарко се појави само на 12 средби и постигна 1 гол, а во Италија го паметат по неверојатните промашувања поради што новинарите за него го употребувале терминот 'Mai dire gol’ или ’Никогаш не викај гол’. Во сезоната 1995-1996 се поздравил со сите и заминал во Фортуна Дизелдорф пред да ја заврши кариерата во швајцарскиот Син.
РОБИ КИН
’Нераѕурите’ секогаш имале по двајца, тројца врвни напаѓачи во екипата но тоа не значело дека имале некаков учинок на теренот. Во сезоната 2000/2001, за Ирецот Роби Кин (најдобар стрелец во историјата на Ирска со 68 гола) Интер платил 31 милијарда лири и го донел во дворецот на Липи.
Но работите не тргнале како што треба: Липи доби отказ, а новиот тренер Тардели го седна Роби на клупата. По шест месеци замина на позајмица во Лидс и дефинитивно се прости од Серија А. Во Премиер лигата важеше за еден од најдобрите центарфори во историјата.
МИДО
Египаѓенцот од кого бегаше и Златан Ибрахимовиќ имаше ’врела глава’. Одличен техничар, добар шпиц, но страшно незгоден карактер. Во Рома дојде во 2003-та но не се снајде во ’Вечниот град’, ниту со екипата ниту со стручниот штаб. Одигра 13 меча без гол до јануари кога замина од Рома во Тотенхем на позајмица. Во 2013 се повлече од фудбалот на 30 години а сега е тренер на Вади Дегла Спортинг Клуб.
ЛЕАНДРО ГРИМИ
Левиот бек дојде во Милан во декември 2006 година. Росонерите го платија 2 милиони евра а тој стигна од аргентинскиот Расинг Авеланеда. Дебитираше во Копа Италија, но потоа до крајот на сезоната дремеше на клупа или на трибини (вкупно собра 3 настапи). Сепак се најде на право место во право време затоа што беше дел од старшниот состав кој во 2007 го победи Ливерпул во финалето на Лига на шампиони во Атина.
Замина во Сиена на две позајмици по ред, по што му се изгуби трага додека не јавија дека потпишал со Расинг во татковината.
ФЛОРИН РАДИЧОЈУ
Уште еден апсолутен ’Никогаш не вели гол’. Романецот во Италија стигнал на 20 години, потпишал со Бари а потоа се преселил во Верона и Бреша. Големата шанса му дошла во сезоната 1993-94 кога го вика Милан: но таму само 7 настапи и 2 гола.
По “Сан Сиро“ луташе во Германија, Франција, Шпанија и Романија.
ЛУКАС КАСТРОМАН
За него Серџо Крањоти плати 12 милијарди лири, кој му се вратија само на еден меч: во дербито против Рома. Кастроман влезе во финишот кога Ѕоф реши да го уфрли во игра и даде гол за 2-2 на 29. април 2001 година. Остана во Рим две сезони но не остави впечаток каков што го најавуваа. Вкупно одигра 37 меча и даде 4 гола.
ЛУК КАСТАИЊОС
Уште еден од плејадата ’менаџерски’ играчи кои медиумите ги пумпаа како најголеми таленти на времето. Кастаињос имаше 19 години кога од Феенорд дојде во Интер во 2011 година.
Тогаш тренер на Интер беше Гасперини кој не му даваше многу доверба и го пушти само на 8 меча (даде 1 гол против Сиена). После неколку месеци го напушти Милано и се врати во Холандија, во Твенте. Денес на 24 години игра за Спортинг Лисабон.
МАРК ФИШ
Во ’90-те години глобализацијата на фудбалот значеше и ангажман на фудбалери од егзотични земји. Така Серџо Крањоти од Лацио потроиш 26 милијарди лири за во Рим да го донесе бекот од Јужна Африка којшто претходно бил главен актер во освојување на Африканскиот Куп на Нации.
Во 1996 година не се смееше ниту Фиш ниту Крањоти. Бекот заврши со 15 настапи и еден гол против Верона, па се упати кон Англија.
ОГУЧИ ОНИЕВУ
Американецот со нигериско потекло дојде во Милан како слободен играч, а остана запаметен по тепачката со Ибрахимовиќ на еден тренинг. Одирга против Цирих во Лига на шампиони а потоа замина во Твенте. Во моментов е член на Филаделфија Унион.
ЕРХАН ЗАХАВИ
Кога го продаде Пасторе во ПСЖ за огромни пари, Ѕампарини направи утка со својата интуиција: замена за Аргентинецот бараше во Израел. Захави важеше за најдобар играч во тамошното првенство со Хапоел Тел Авив, но во Серија А друга приказна.
Фудбалерот од средината на теренот одигра 26 меча и даде само 2 гола за цели две сезони после што го продадоа во Макаби Тел Авив. Сега игра во кинескиот Гвангжу R&F каде заработува грдни пари.
ЕРВИН ХОФЕР
Кавани, Лавеци, Игуаин, Мертенс, Милик. Во последните неколку години, нападот на Наполи не беше секогаш првокласен какви што се гореспоменатите. Во 2009 година тимот од „Сан Паоло“ направи утка: Го купи Австриецот Хофер чија лична карта беа 27 гола на 34 меча во Рапид Виена. Стигна за 5 милиони евра, но по дебито во Купот на Италија, одигра севкупно 88 минути.
По една сезона го напушти Наполи и замина во Германија. Денес игра за Карлсруе.
АЦО СТОЈКОВ
Фудбалскиот близнак на Горан Пандев имаше сосема поинаков пат од сограѓанинот. И двајцата со легендарниот претседател на Беласица Ванчо Таковски стигнаа во големиот Интер како страшни таленти. Стојков не беше дел од тимот кој ја освои Триплетата (Лига шампиони, скудето и Куп) како Пандев, туку ја почна одисејата низ Италија (Специја, Кастел ди Сангро и Фиделис Андрија) и низ Европа (Унгарија, Швајцарија, Албанија, Србија).
Во моментов игра за Вардар.