Атлетико Мадрид
Хитот на сезоната во Шпанија и пошироко одлично ги води младиот Диего Симеоне кој е на пат до историски успех со клубот. Италија беше 8 години дел од неговата играчка кариера каде настапуваше по две години за Пиза и Интер и четири за Лацио каде го освои Скудетото. Темпераментниот играч кој беше голем борец во средниот ред, тренерската кариера ја започна во родната Аргентина, а првиот европски клуб кој го водеше беше Катанија каде остана само 4 месеци и успеа да ја спаси од испаѓање.
Челси
За носталгичните навивачи на Интер ова не се е за читање. Жозе Мурињо е можеби тренерот кој најмногу недостасува во Италија. Дојде и за две години направи бум со „Нероаѕурите“. Две Скудета, еден куп, но што е најважно трофеј во Лигата на шампионите кој Интер го немаше освоено 45 години. За „Специјалниот“ тоа беше последниот освоен пехар на меѓународна сцена, а тоа се обидува да го стори и со тимот кој со Роберто Ди матео се искачи на европскиот врв пред две години.
Реал Мадрид
Уште едно име со одлично педигре од Италија, но овој пат италијански стратег кој одбележа една успешна ера со Милан. Карло Анчелоти многу добро знае колкаво е значењето да се освои Лигата на шампионите. Тоа го стори два пати со „Росонерите“ во 2003 и 2007 година. Неговиот претходник Жозе Мурињо не успеа на „Кралевите“ да им донесе радост во елитното натпреварување, но сега таа шанса ја има Анчелоти кој цели кон јубилејниот 10 пехар на Реал во ЛШ.
Баерн Минхен
За разлика од сите претходни, Пеп Гвардиола се уште нема седнато на тренерска италијанска клупа. Неговото минато кое го поврзува со Серија А се настапите во Бреша каде замина по 11 години минати на „Камп Ноу“, вклучувајќи ги деновите во младинската школа. Гвардиола играше рамо до рамо со легендарниот Роберто Баџо, потоа се пресели во Рома каде поради допинг беше суспендиран по само четири настапи. Италијанската фудбалска федерација го помилува и тој потоа повторно се врати во Бреша. Со 14 освоени титули со Каталонците тој стана меѓу најдобрите тренери во светот, а сега се обидува да испише нова историја со најсилниот тим од Бундеслигата.