Уште една иранска фудбалерка одби азил во Австралија и се враќа дома во Иран

Капитенката на женската фудбалска репрезентација на Иран која учествуваше на младинскиот Куп на Азија кој се играше во Австралија, Захра Ганбари решила да го повлече барањето за азил во Австралија со тоа што од Малезија преку Оман и Истанбул во татковината ќе се врати скоро цел екипаж кој играше на женскиот Куп на Азија.

Захра Ганбари веќе отпатувала од Малезија до Иран во изминативе неколку часа, соопшти иранската државна агенција ИРНА а пренесува Ал Џазира.

Првично шест фудбалерки и еден член на стручниот штаб од листата од 26 фудбалерки на Иран колку беа во Австралија ја прифатиле понудата за азил а сите останати се вратиле назад преку Сиднеј до Куала Лумпур во Малезија. Од Малезија следна дестинација наводно ќе им биде Оман а од таму преку Истанбул би требало да стигнат до градот Ван во источна Турција и да се префрлат преку граница дома во својот Иран.

Женската фудбалска репрезентација на Иран играше три натпревари во групна фаза од Купот на Азија на „Голд Кост“ стадионот во Квинсленд на 2-ри, 5-ти и 8-ми март.

Нив во Австралија ги затекна воениот напад на Израел и САД врз Иран во кој загинаа иранскиот ајатолах Али Хамнеи, членови на неговото потесно семејство како и други лица.

На нивниот прв натпревар на турнирот, младите ирански фудбалерки не ја пееја химната што голем дел од западното медиумско пространство го протолкува како бојкот на фудбалерките против „крвавиот ирански режим“ и „борба за човековите права“. Од друга страна ирански канали наведуваа дека девојчињата „не ја пееле химната зошто во Иран била прогласена неколку дневна жалост поради смртта на нивниот врховен лидер и ајатолах“.

Фудбалерките одлучија да ја пејат химната и војнички да отпоздравуваат за време на натпреварот од 2. коло против домаќинот Австралија.

Тогаш претседателот на САД Доналд Трамп побара од австралиските власти, поточно од премиерот на оваа земја Антони Албанезе да им дадат азил на фудбалерките и стручниот штаб на Иран затоа што „дома ќе бидат прогласени за предавнички и којзнае како ќе завршат“.

Откако министерот за надворешни работи на Австралија Тони Бјурк соопшти дека неговата земја им понудила азил на сите играчи и стручниот штаб, најпрво три фудбалерки и еден член на стручниот штаб се откажале од оваа можност да останат во Австралија, пишува Ал Џазира.

Ова значи дека од сите лица кои добиле понуда од Австралија да добијат хуманитарни визи за престој, наводно само две останале во Австралија како бегалци, пишува БиБиСи.

Иранската државна агенција ИРНА соопшти дека капитенката Захра Ганбари „се враќа во прегратка на татковината“ а новинската агенција Мер го нарекла овој потек „патриотска одлука на Захра“.

Новинската агенција од Иран Тасним, пишува дека три репрезентативки биле на пат од Куала Лумпур во Малезија каде ќе се придружат на остатокот од репрезентацијата и ќе се вратат дома „во топла прегратка на семејствата и татковината“. Тасним пишува и дека тие издржале „психолошка војна, продолжена пропаганда и навлекувачки понуди“ во Австралија.

16 март 2026 - 11:30