Ултрасот на Наполи доби поддршка од „Филип Втори“

Водачот на Наполитанците, Џенаро Де Томазо, кој е син на шефот на познатата мафија „Комора“ доби пет годишна забрана за одење на стадион. Многу навивачки групи ширум Европа испратија пораки за негово ослободување.

Де Томазо кој е познат по прекарот Џени Ла Кароња беше во центарот на вниманието минатиот викенд во Италија, откако од Марек Хамшик бараше финалниот меч од Купот на Италија помеѓу Фиорентина и Наполи да биде одложен со образложение дека нивен навивач бил убиен.

Ла Короња доби веднаш забрана за одење на стадион откако камерите го уловија со маица на која пишуваше „Speziale libero“, порака преку која побара да се ослободи Антонио Специале, навивачот кој во 2007 година доби 8 годишна казна затвор за убиство на полицаец на сицилијанското дерби помеѓу Катанија и Палермо.

фото: Екипа

Транспарентот „Speziale libero“ за само неколку дена се рашири по многу стадиони, а таков подготвија и Комитите за време на натпреварот помеѓу Вардар и Турново кој се одигра викендов на „Филип Втори“.

Најголемата поддршка пристигна од Бундеслигата, особено од навивачите на Борусија Дортмунд кои се збратимени со Наполитанците и кои подготвија неколку транспаренти и маици.

Опасниот италијански ултрас беше поддржан и од навивачите на Херта, а на „Алијанц арената“ на мечот помеѓу Баерн Минхен и Штутгарт имаше дополнителна порака упатена за навивачот на Наполи, Чиро Еспозито кој сè уште бори за живот.

Образложението на Ла Короња за да не се одигра финалето беше дека еден од нивните навивачи бил убиен пред стадионот  „Олимпико“, но информациите на Хамшик се покажаа како точни, а тоа дека немало жртви, туку тројца повредени Наполитанци во кои пукаше ултрасот на Рома Даниеле Де Сантис.

12 мај 2014 - 17:48