Хулиганот кој му го уништи славјето на Наполи

Финалниот меч од Купот на Италија помеѓу Фиорентина и Наполи кој се одигра на стадионот „Олимпико“ во Рим, мина доста неславно со задоцнување од 45 минути. Виновникот за тоа беше ултрас на Рома кој веќе 20 години дивее по стадионите.

Наполитанците викендов го одбранија трофејот во Купот на Италија, кој е инаку вкупно петти за нашиот Горан Пандев, но нивниот успех беше во втор план. Насловните страници беа преплавени со натписи од крвавиот настан кој го фрли во сенка ефикасното финале кое заврши 3:1.

Мечот се играше во Рим, а нередите пред стадионот „Олимпико“ не ги направија навивачи на двете екипи учеснички, туку познат ултрас на Рома кој со пиштол рани тројца Наполитанци. Еден од сведоците за италијанските медиуми го раскажа инцидентот.

„Покрај нас помина голем, дебел и ќелав човек. Беше многу пијан и ни се дереше дека ќе не убие сите. Беше сам и носеше димни бомби и петарди. Потоа се слушнаа истрели од пиштол и се создаде хаос“.

Полицијата го уапси Даниеле Де Сантис, кој важи за водач на навивачите на Рома и кој е осомничен дека испукал шест куршуми со кои ранил тројца навивачи на Наполи од кои едниот се бори за живот.

48 годишниот хулиган до сега е апсен два пати. Првиот пат за време на инцидентите од 1994 година кога за време на мечот помеѓу Бреша и Рома со нож нападнал полицаец, а вкупно 16 биле повредени.

Де Сантис кој важи за екстремен десничар по две години заедно со уште неколку навивачи биле уапсени поради серија на уцени упатени кон тогашниот претседател на Рома, Франко Сенси.

Тој беше одговорен и за прекинот на наславното градско дерби помеѓу Рома и Лацио во 2004 година, откако преку Франчесто Тоти пушти лажна информација дека полицијата прегазила дете пред стадионот.

5 мај 2014 - 22:35