Во рамки од 6. коло од квалификациите за Евро 2024, во Прага најдобрите македонски фудбалери одиграа добро но недоволно за да освојат бодови против мотивираната Украина.
На стадионот на Спарта Прага попладнево имаше илјадници украински навивачи од кои најголем дел и се преслени во Чешка поради воениот конфликт во нивната земја.
Голема поддршка имаше и Македонија со навивачи кои допатуваа од нашата земја но и од дијаспората.
Селекторот Благоја Милевски се реши да истрча со речиси идентичен состав и формација како со Италија во претходното коло кога со сјајна игра освоивме голем бод протув аѕурите.
Стоперското трио го сочинуваа Серафимов, Манев и Висар Муслиу, на голот стандардниот Столе Димитриевски а пред нив во средниот ред Атанасов, Елези, Ашковски, Барди и Алиоски, а во самиот шпиц играа Миовски и Елмас.
Младата и полетна Украина со која игравме и на Европско 2021 а која во Скопје неодамна направи огромен пресврт и после негатива од 2:0 славеше 2:3.
Украинците тргнаа офанзивно, отворено и кружеа околу нашиот гол но Македонија не беше во подредена позиција и се трудеше преку Елмас, Барди и Миовски да го загрози денес одличниот голман Трубин.
Првата шанса на мечот ја имаше Украина преку шпицот Артем Довбик а подоцна голема шанса му се укажа и на ѕвездата на Челси Михаило Мудрик но Димитриевски беше одлично поставен.
Веднаш потоа во иста ситуација на другата страна се најде центарфорот на Абердин Бојан Миовски прекрасно проигран од Барди но завршниот шут беше лесен за голманот Трубин.
Украинците ја крунисаа иницијатавита во 30' минута но со многу среќа, затоа што по шутот на Георгиј Судаков топката се одби од Никола Серафимов и заврши во мрежата на Димитриевски.
Примениот погодок како да ја разгоропади Македонија која тргна на се или ништо и буквално во следните неколку минути македонските фудбалери создадоа две-три стопостотни шанси но за жал голманот Трубин беше неприкосновен и несовладлив денес.
На пауза се отиде со 1-0 за Украина.
Во вториот дел селекторот Милевски направи измени, влегоа Бојан Димоски наместо Ашковски, Чурлинов наместо Јован Манев и Аријан Адеми наместо Јани Атанасов. Украина на стартот имаше огромна шанса преку Довбик кој шутираше непрецизно од идеална прилика.
Овие измени донесоа каква-таква стабилност во играта, Македонија продолжи да притиска, имаше шанси и преку Елмас и Барди но резултатот не се смени.
Нашата целосна офанзива значеше и широк простор за ривалот кој во длабоко судиско продолжение во 90+5' минута ги постави конечните 2-0 преку Олександар Каравајев кој од огромна далечина го лобуваше истрчаниот Димитриевски.
Со овој пораз Македонија речиси и да нема шанси за Европско првенство. Украина има 10 бода на второ место но и два меча повеќе од Италија која има седум бода колку што има и Македонија но исто со два натпревари повеќе на нашите момци.
Во ноември не очекува завршница на циклусот со најтешките дуели, против Италија на гости и неприкосновениот лидер во групата Англија која ќе дојде во Скопје и која е веќе речиси пласирана на Евро 2024.