Во сред Лига на Нации, луѓе што пратат фудбал знаеа да прашаат, што е тоа? За што се игра во Лига на Нации? Натпреварување кое се измисли како еден полесен втор вид на квалификации преку кои помалите земји имаа реални шанси за ЕП.
И таман ја сфатија поентата на новото натпреварување и се создаде некаква еуфорија со низа на убедливи победи, за жал со слабо публика на Градски, ете ги сега нова забуна и прашалници.
На 2 декември ќе има ждрепка за редовните квалификации за ЕП 2020 и по логика на нештата се очекува да почне да се шират нови нејаснотии и да се поставува прашање, од кај па сега квалификации? Нели преку Лига на Нации бркаме пласман на Европско?
Прашање ќе биде логично, бидејќи е скроз на место. Македонија, како и другите селекции кои се во плејофот во Лига на Нации, се приморани да бркаат учество на ЕП на два начина. Чуму?
Нели Лига на Нации е ново натпреварување кое им овозможува на малите нации како нас да бркаат историски пласман на најголемиот континентален собир. Што ќе ни пак квалификации преку кои немаме никакви шанси за пласман?
Згора на сè се наоѓаме во петтиот шешир во друштво на Косово, Белорусија, Луксембург, Ерменија, Азербејџан, Казакхстан, Молдавија, Гибралтар и Фарски Острови, дел од земјите со кои играме и ќе играме во Лига на Нации.
Тоа значи дека ќе имаме пеколно тешка група со силни противници, особено од првиот и вториот шешир кои се секогаш фаворити за првите две места. Веќе позната 25 годишна песна во која сакаме нејќеме, да бидеме реални сигурно ќе има порази, а потоа и плукања, дека ете не не бива.
За нелогичноста да биде поголема, прво ни го начукаа квалификацискиот циклус кој треба да го играме од март до ноември 2019-та, а плејофот за Лига на Нации ќе го играме дури во март 2020. Тешки глупости.
Зошто? Се губи моментумот на еуфорија, се менува формата кај играчите, постои опасност од повреди или едноставно кажано предолга е таа временска дупка од година и пол во која сè е можно. Нели е пологично прво да заврши нешто што почнало, па да се оди со квалификацискиот циклус?
Кои ќе бидат сега мотивите на Мрме и неговите избраници да се роваат со гиганти од типот на Франција, Англија, Германија и други такви селекции кои ни се потенцијални противници во квалификации, кога знаат дека фатиле друг пат кон ЕП оформен и смислен за селекција како нашата?
Истото важи и за Грузија, Косово и Белорусија. Згора на сè квалификацискиот циклус е набиен во 9 месеци како никогаш до сега, што значи репрезентативците во сред клупски обврски ќе се трошат и ризикуваат повреди на натпревари кои се нелогично да ги играат кога веќе ја имаат на мегдан Лигата на Нации.
Да не зборуваме дека во март 2020-та нашиот селектор можно е да биде принуден да се лиши од нашиот лидер кој во последно време игра како препороден за репрезентација.
Горан Пандев сега има 35 години, а тогаш ќе има скоро 37 и да не заборавиме дека во едно интервју изјави дека размислува за пензија по завршувањето на оваа сезона.
Капитенот на Македонија повеќе пати има кажано дека му е сон да заигра на Европско со својата земја, а за да се бори за тоа, ќе мора да ја продолжи кариерата до 2020-та. Можеби и другите селекции ќе се соочат со вакви несакани можни промени.
И уште нешто. Што ако Косово направо чудо и обезбеди пласман на ЕП преку квалификации, кој ќе ни биде противник во полуфиналето од Лига на Нации? Еве го одговорот.
Тоа би бил Луксембург, селекцијата може наеднаш да се претвори во полуфиналист ако една од Грузија, Македонија, Косово и Белорусија стане учесник на Европско преку квалификации. Оваа репрезентација ќе ја чекаа таа тешко остварлива шанса, како следна или петта според конечниот ранкинг во Лига Д.
Како и да е, требаше Лига на Нации да заврши и да се доигра ова натпреварување додека е вруќо железото. Вака квалификацииве никнаа како печурка во нешто почнато, а недовршено.
Забележавме и едно поклопување на термините. На 26-28 март ќе се игра полуфиналето, а на 29-31 март 2020-та финале од баражот за ЕП преку квалификациите. Точно во истите денови кога ќе се игра и полуфинале и финале во Лига на Нации.
Каша попара. Како велат, зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано.