Турнеја преку океанот, егзибиција за пари

Ако ги прашате тренерите и играчите на најголемите европски клубови, би ви кажале дека попрво би отишле на подготовки некаде во спокојот на Алпите како секоја просечна екипа. Но така не мислат и управите, кои гледаат да заработат повеќе пари.

Преку 70.000 навивачи купиле влезници за вечерашниот егзибициски дуел меѓу Барселона и Челси во склоп на Меѓународниот куп на шампиони. Барса и Челси ќе играат на стадионот ФедЕкс во Мериленд.
 
Без разлика што Меси, Нејмар, Маскерано и Браво се на одмор поради тоа што настапија на Копа Америка, американската публика во прв план ја става пријателската средба меѓу европските екипи кои се подготвуваат во САД. Помалку од 1,000 влезници останале за натпреварот, пренесува Вашингтон Пост.
 
Барса и Челси се меѓу 30-ина европски екипи кои летово играат меѓу себе или против тимови од МЛС или канадската лига. Каталонците минатиот викенд го наполнија Роуз Боул стадионот, на мечот против Лос Анџелес Галакси (2-1) имаше околу 93,226 гледачи. Дуелот Барса - Ман. Јунајтед минатата сабота го гледале 68.416 гледачи. И покрај напорните и долги летови од место во место, европските екипи не ги штедат играчите за повеќе да заработат во САД, Азија и Австралија.
„Играчите знаат дека турнејата е од фудбалски аспект, но исто и од комерцијален. Тренираат и играат, но истовремено доаѓаат и на комерцијални вечери или хуманитарни настани. Ѝ покажуваат на Америка што значи Барса“, изјави претседателот на Барселона Жозеп Мариа Бартомеу.

Според листата на Форбс, вредноста на Барселона изнесува околу 3,6 милијарди долари. Реал Мадрид вреди 3,26 милијарди долари и кога ќе се погледне секој спорт, Кралевите се први по вредност во светот пред Далас Каубојс, Њујорк Јенкис и Барселона. Интернационалниот куп не се игра само во САД, туку и во Азија. 
„Овде фудбалот можеби не е најпопуларен спорт, но ние сакаме фудбалот да расте и да биде попопуларен. Што се однесува до негативностите, многу се патува, терените не се баш најдобри затоа што е многу топло, но очекувавме такво нешто. Кога ќе се вратиме во Шпанија ќе бидеме спремни“, изјави Пике пред дуелот со Челси во 02 часот после полноќ.
Дека на модерниот фудбал парите му се најважни покажува и фактот што Њујорк Ред Булс и Филаделфија Унион го преместиле дуелот од Купот на САД (натпреварување старо 101 година) за друг ден, за да играат против гостите од Европа.
28 јули 2015 - 20:00