
Има ли граници во оптимизмот или поточно дали навивачите на Рома можат да имаат барем малку оптимизам за титулата откако го совладаа синоќа Јувентус со 3:1 и му се доближија на -4 на две кола до крајот на сезоната во италијанското првенство.
Математички Рома може да се надева на титула, бидејќи има два лесни противника, Киево на гости, па Џенова на домашен терен, 6 бода на кои ќе одат повеќе од сигурно.
Јувентус на последните три меча во Серија А освои само два бода, нерешено со Торино и Аталанта и пораз од Рома, а за противник во претпоследното коло го имаат Кротоне, тим кој изминативе 7 меча освои 17 бода и кој нема пораз уште од средбата со Фиорентина одиграна на 19 март која ја загуби со гол во 90-та минута.
Рома следниот викенд игра еден ден пред Јуве и со победа против Киево барем неколку часа ќе биде на -1 до Јувентус. За нив тоа ќе биде мотивација плус да се надеваат дека тимот кој игра во топ форма во Серија А и кој се бори за опстанок може да направи чудо против финалистот на ЛШ.
Реалноста сепак е друга и огромни се шансите во недела попладне во 17 часот Јувентус да ја слави титулата, бидејќи колку и да е нивниот противник во форма, сепак тоа е Кротоне, а Јуве е Јуве. Ако не успее да го стори тоа следниот викенд, сигурно нема да дозволи да киксне во последното коло кога се среќава со Болоња, тимот кој не се бори за ништо.
Масимилијано Алегри веројатно е доволно паметен да ја смири ситуацијата во соблекувалната и да им објасни на играчите дека ништо не е загубено. Сепак мечот со Рома беше само една од нивните три меч топки за освојувањето на титулата.
На Јувентус не му одговара нерешено во двете последните кола, бидејќи ако Рома од истите две собере 6 бода со ист број на бодови ќе биде шампион на Италија. Причините за тоа лежат во подобриот меѓусебен дуел. Јуве на првиот дуел славеше само со 1:0.
Во следниве 20 дена Јувентус ќе игра 3 или 4 финалиња во кои треба да потврди колку е спремен и физички и ментално за освојувањето на тројната круна. Тоа се финалињата против Кротоне (или Болоња) во Серија А, потоа со Лацио во финалето од Купот на Италија оваа среда и големото финале во Кардиф на 3 јуни во Реал Мадрид.